Веќе не работи: Неславен крај на Филмската академија во Охрид – нема ни кој да стави катанец


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Она што во 2015 година помпезно беше отворено како Филмска академија во Охрид, која требаше да функционира во рамки на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“, денес е веќе неславно завршена и пропадната образовна приказна.

Кога пред само четири години охридската Филмска академија беше отворена со фалби и помпезности, ретко кој можеше да помисли и да претпостави дека првите дипломирани студенти денес нема да можат да си ги земат дипломите затоа што едноставно нема кој да им ги издаде и потпише. Институтот за филм во Охрид кој во септември 2015 година почна да работи во рамките на универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, во соработка со ФАМУ (филмската академија од Прага) и угледни визитинг професори, веќе денеска слободно може да се каже дека пропадна, пренесува Мкд.мк.

Редица нерегуларности во работата на Институтот за филм во Охрид се причина најпрво за застојот и немањето настава во оваа образовна институција, а денес и за целосното нефункционирање на оваа високообразовна институција. Од Владата упорно ветуваа дека работите ќе се средат, но до денеска ништо не е направено. Неколкумина студенти отворија судски процес против Институтот.

Бившиот премиер Груевски во посета на академијата

Најпрво студентите уште во ноември минатата година се пожалија дека и по повеќе од еден месец сѐ уште немаат настава. Меѓу нив имаше и многу студенти од странство, од САД, Мексико, Либан, Индија, чии визи полека истекуваа и тие не знаеја што да прават. Денес тие се веќе во своите земји со изгубени по најмалку три години студиирање во Охрид.

Дел од студентите тогаш најавија дека ќе почнат правна постапка и ќе покренат заедничка, како и поединечни тужби против ресорното Министерството за образование и наука затоа што не ги исполи потпишаните договори за стипендиреање, за прекин на наставата во оваа високообразовна институција и за неисплаќање на хонорарите на професорите. МОН во септември 2015 година додели дваесет целосни стипендии за студентите што се запишаа на постдипломски студии по сценаристика и драматургија или креативна продукција.

И покрај бројните интервенции на студентите, средбите со претставниците на Министерството за образование, апелите на професорите од странство за неисплатените хонорари, инспециските наоди, барањата на вработените од институтот за средување на работите… сѐ уште нема формално решение за затворање или пак за продолжување на работата на Институтот.

Од 23 до 30 април беше извршен и вонреден просветен инспекциски надзор на Институтот за филм – Филмска академија Охрид. Државниот просветен инспекторат оваа контрола ја изврши по претставка на петмина студенти кои сѐ уште не добиле уверенија за завршени студии. Просветните инспектори установија дека за учебната 2018/2019 година нема распишано конкурс, дека нема Совет поради поднесени неотповикливи оставки на членовите, мандатот на в.д. директорката бил истечен, нема решение за почеток со работа за шест акредитирани студиски програми… Ова всушност значи незаконско функционирање на институцијата по што е известена и Владата и министерот за образование за преземање натамошни мерки за состојбата во оваа институција. Имаше и предлог да се префрлат студентите од оваа академија на Факултетот за драмски уметности за заокружување на започнатите студии на студентите што веќе биле запишани и студираа на студиските програми на Институтот. Но, и натаму никој ништо не презема.

А во ваква ситуација единственото логично решение е катанец на врата.