Некои книги ги оставаме за долгите вечери, патувањата и викендите без обврски. На други им се навраќаме во кусите паузи меѓу секојдневните задачи. Токму тие се книгите за со кафе: доволно интересни за да нè внесат во својот свет, а доволно читливи за да уживаме во нив и кога имаме само дваесетина минути за себе. Не бараат посебна подготовка или голема концентрација, но можат да ни го подобрат расположението, да нè поттикнат на размислување или накратко да нè оддалечат од секојдневието. Понекогаш тоа е роман со необична хероина, понекогаш збирка раскази, а понекогаш книга во која на која било страница можеме да најдеме нешто интересно.

Што ја прави една книга добро друштво за кафе?
Книгите за со кафе не мора да бидат кратки. Поважно е да имаат добар ритам, поглавја што можат да се читаат одделно или раскажување чија нишка лесно ќе ја фатиме и по неколкудневна пауза. Збирките есеи и раскази, духовитите романи и интимните животни исповеди се особено добар избор, бидејќи ни дозволуваат да читаме без притисок дека мора да завршиме уште едно поглавје. Нивната предност е и во тоа што нема потреба да брзаме: можеме полека да им се враќаме, да подвлечеме реченица или да застанеме над некоја мисла. На крајот, кафето и книгата имаат нешто заедничко — нè потсетуваат дека не мора секој миг да биде продуктивен.
„Сите тие ситници“ — Клер Киган
Неколку недели пред Божиќ во 1985 година, во мало ирско гратче, трговецот со јаглен и семеен човек Бил Ферлонг се соочува со најнапорниот дел од годината. Едно рано утро, додека доставува нарачка во локалниот манастир, открива нешто што ќе го принуди да се соочи и со сопственото минато и со соучесничкото молчење на градот во кој црквата има големо влијание.

„Аги и Ема“ — Игор Коларов
Краткиот роман „Аги и Ема“ раскажува трогателна приказна за пријателството меѓу осамениот деветгодишен Аги и необичната, откачена старица Ема, како и за нивниот заеднички бунт против суровиот и отуѓен свет. Според овој поетичен и духовит роман, награден со признанието на „Политикин Забавник“ за најдобра детска книга, е снимен првиот српски филм за деца по пауза од дваесет и пет години, во режија на Милутин Петровиќ. Книгата е преведена на англиски, руски, француски и италијански, а во Русија за кратко време доживеала две изданија.

„Како вода за чоколадо“ — Лаура Ескивел
Еден ден, во поодмината бременост, мама Елена сече кромид во кујната на својот голем ранч. Кромидот е толку лут што ја расплакува и нејзината неродена ќерка Тита, предизвикувајќи предвремено породување. Родена меѓу зачини и состојки за супа со резанки, Тита како да е предодредена своите чувства да ги пренесува во храната што ја подготвува. На петнаесет години страсно се вљубува, но семејната традиција не ѝ дозволува на најмладата ќерка да се омажи додека мајка ѝ е жива. За несреќата да биде поголема, нејзиниот сакан Педро се жени со сестра ѝ Росаура. Бурните чувства Тита ги внесува во своите јадења и така, некогаш намерно, некогаш случајно, ги менува судбините на сите на ранчот. Испреплетена со рецепти, копнеж и горчливо-сладок хумор, оваа шармантна приказна за едно мексиканско семејство од почетокот на минатиот век ја разбудила фантазијата и ги освоила читателите низ светот.

„Единствениот спомен на Флора Бенкс“ — Емили Бар
Седумнаесетгодишната Флора Бенкс има антероградна амнезија. По само неколку часа заборава сè што ѝ се случило: шегите на пријателите, упатствата од родителите, па дури и која е таа самата. Но една вечер го бакнува Дрејк, а следниот ден сè уште се сеќава на бакнежот. Тоа е првиот спомен што успеала да го задржи од својата десетта година. Само што Дрејк никаде го нема. Флора верува дека заминал на Арктикот. Дали ќе си го врати помнењето ако го пронајде? И кому воопшто смее да му верува на тој пат?

Мал ритуал за поголемо уживање во читањето
За да уживаме во читањето, не мора да завршиме поглавје, да прочитаме педесет страници или цела книга. Понекогаш се доволни десетина минути, омиленото кафе и неколку страници што ќе нè потсетат дека имаме право на миг за себе.
Извор: Lepota i Zdravlje