Вчера одржана трета неуспешна средба на Советот за безебдност на ООН за израелско-палестинскиот конфликт – САД со тврд став


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Советот за безбедност на ООН вчера одржа нова средба за израелско-палестинскиот конфликт на третата вонредна седница во една недела, но без успех во усогласувањето заедничко соопштение и без предлози што би довеле до брз крај на насилството.

Виртуелната седница беше место на меѓусебни обвинувања меѓу Палестинците и Израелците.

Паралелно со седницата, 15 членки на Советот за безбедност продолжија да преговараат за заедничко соопштение со кое ќе се повика на прекин на непријателствата и ќе се потврди заложбата за решение за две држави што би постоеле една покрај друга, Израел и Палестина, врз основа на претходните резолуции на ООН.

Неколку дипломати контактирани од агенцијата Франс прес рекле дека САД упорно одбиваат какво било заедничко соопштение, а таквиот став е неразбирлив за голем број од сојузниците.

За една недела, само Вашингтон двапати отфрли две соопштенија предложени од три членки на Советот за безбедност: Кина, Норвешка и Тунис.

„Тоа е малку е чудно кога ќе помислиме на очекувањата што сите ги имавме откако Американците се вратија во мултилатералната дипломатија“, рекол еден амбасадор за Франс прес под услов да остане анонимен.

„Мислевме дека Соединетите Држави сакаат да покажат релевантност во Советот за безбедност во вакви ситуации“, рече тој.

Кинескиот дипломат Ванг Ји изрази жалење за „опструкциите“ на САД во процесот на прифаќање на соопштението.

„Советот за безбедност мора да преземе акција“, а поради „опструкцијата на една држава“ Советот „не може да прозборува во еден глас“, рече Ванг Ји, повикувајќи го Вашингтон да „преземе одговорност“ во ООН.

Вчерашната седница на Советот за безбедност беше јавна, а претходните се одржаа зад затворени врати. Соединетите Држави се противеа на денешната седница и побараа таа да се одложи за вторник.

Американската амбасадорка во ООН, Линда Томас-Гринфилд, на седницата повика да „престане циклусот на насилство“ и тврдеше дека САД „работат неуморно“ во обид да го запрат овој конфликт за да постигнат „одржлив мир“.

Отворајќи ја седницата, генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, го предупреди Советот за безбедност на ризикот од „неконтролирана безбедносна и хуманитарна криза“ во регионот доколку не се постигне брзо примирје.

Тој „безумен циклус на крвопролевање, терор и уништување мора веднаш да престане“, рече Гутереш.

Ваквите повици главно ги повторуваа и другите амбасадори во денешните говори, од Русија до Тунис, Норвешка или Ирска, пишува агенцијата Франс прес.

Претставникот на Нигер во Советот за безбедност повика „Палестинците да добијат подеднакво право“ што му се признава на Израел – правото на „самоодбрана“.

Од понеделникот палестинските вооружени групи предводени од Хамас испукаа повеќе од 3.000 ракети од појасот Газа кон израелска територија, од кои повеќето или паднаа во Газа или беа пресретнати од израелскиот антиракетен штит „Железна купола“.

Израел соопшти дека биле убиени 10 негови граѓани, меѓу кои и две деца.

Во израелските напади врз цели на Хамас и вооружени групи во густо населената Газа беа убиени најмалку 192 Палестинци, меѓу кои 58 деца.

Хамас почна да го ракетира Израел во понеделникот, по повеќенеделни тензии околу судската одлука за иселување неколку палестински семејства од Источен Ерусалим и полициските судири со Палестинците во близина на џамијата Ал Акса, третото најсвето место на муслиманите.