Вархеји апелира Македонија да излезе во пресрет на барањата од Бугарија – „Политико“ го критикува дека е премногу мек кон Бугарија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Актуелниот еврокомесар за проширување на унијата, Оливер Вархеји, апелира до Македонија да вложи дополнителни напори и да излезе во пресрет на загриженоста на Бугарија за да се најде решение прифатливо за двете страни.

Вархеји смета дека тоа е „прашање на политичка волја, ангажирање и одлучност“, и изрази подготвеност Европската комисија да помогне во пронаоѓање на решение. Исто така, еврокомесарот предупреди дека се сè помали шансите Северна Македонија и Албанија да ги почнат пристапните преговори со ЕУ годинава.

„Се надевам, но за жал, сè помалку е извесно дека оваа година можеме да ги усвоиме преговарачките рамки. Во таа смисла, вложуваме напори со германското претседателство со Советот на ЕУ“, кажа Вархеји.

„Политико“ во анализата за еврокомесарите и нивната работа за годината што изминува ги истакна добрите и лоши моменти на еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји.

Во написот се истакнува дека слабоста на Вархеји е тоа што беше премногу мек кон Софија, а Европската народна партија (ЕПП) не беше доволно остра кон бугарскиот премиер Бојко Борисов. Лош момент во неговата работа е ветото од Бугарија кон Северна Македонија за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ, оценува „Политико“.

„Блокадата на Бугарија за преговорите за членство со Северна Македонија поради билатерален спор околу јазикот и идентитетот ѝ зададе удар на целата Комисија да почне преговори пред крајот на годината. Некои дипломати го обвинуваат Вархеји дека е премногу мек кон Софија, но повеќето велат дека главниот проблем е што Европската народна партија (ЕПП) не е доволно остра кон бугарскиот лидер Бојко Борисов“.

Критиката кон Вархеји е дека тој е повеќе засегнат за унгарските интереси отколку за ЕУ како целина.

„Кога зборува за Србија, се чини дека е подготвен да ги затвори очите“, поради блиските врски меѓу Србија и Унгарија во енергетскиот сектор, рече еден дипломат. Официјален претставник на ЕУ ги отфрли овие обвинувања, велејќи дека тој работи на ист начин како и другите комесари“, пишува „Политико“.

Во периодот што следува, предизвик за Вархеји ќе бидат обидите да се одблокираат преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија, а тука клучен играч е германското претседателство, а не тој, смета „Политико“.

Но, додека тоа не се случи, голем дел од неговата работа е практично замрзната.

„На крајот, Вархеји ќе биде оценет дали кандидатите за членство во ЕУ, вклучително и оние што веќе водат разговори како што се Србија и Црна Гора, ќе се приближат до ЕУ под негов надзор“, стои во анализата.