Актуелно

Вакцинирањето против коронавирусот во Македонија започнува во среда

Вакцинацијата против Ковид-19 во државава ќе почне в среда, на 17 февруари. Први ќе бидат вакцинирани здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза” во Скопје.

Во земјава вчера пристигна првата пратка од 4.680 вакцини од предвидените 8.000 вакцини против Ковид-19 на компанијата „Фајзер” кои се донација од Србија. Вакцините на граничниот премин Табановце на премиерот Зоран Заев му ги предаде српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вакцинацијата ќе се одвива во три фази согласно утврдениот Национален план за имунизација на населението. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, и лица постари од 70 години.

Кон средина на месецов се очекуваат и 200 илјади вакцини од кинеската компанија „Синофарм”. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер” кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.

Од Министерството за здравство информираа дека досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација против Ковид-19 од кои околу 2000 здравствени работници се од Скопје, а останатите се од другите градови.

Вкупно 43.335 граѓани досега искажале интерс за вакцинирање против Ковид-19 преку веб-страницата „Vakcinacija.mk”. Преку матичните лекари пријавени се 13.511 лица, информираа за МИА од Министерството за здравство.

Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 97.052, бројот на оздравени пациенти е 87.652, на починати е 2.989, а на активни случаи изнесува 6.411 од кои 2893 се во Скопје.

На инфективните оддели во земјава се лекуваат 585 пациенти со Ковид-19 од кои 237 се во Скопје.

To Top