Музика

Утре во Скопје започнува џез фестивалот „Крај Вардарот џез“

Во организација на дискографската куќа „ПМГ џез“, утревечер, со почеток во 19.45 часот, почнува џез-фестивалот „Крај Вардарот џез“. Во рамките на двете фестивалски вечери на 23 и 24 јули, во паркот зад Младинскиот културен центар, под отворено небо ќе настапат 7 македонски џез-состави.

На првата фестивалска вечер настапуваат: скопскиот џез-музичар Филип Букршлиев, кој ќе отсвири композиции од својот соло гитарски албум Don’t go away mad because the Duke is not coming back. По него, настапува веројатно најквалитетниот џез-состав во земјата, ветераните од „Сетстат“. Скопските членови на „Зулу 3.4“, кои неодамна го издадоа својот втор албум, се еден од најинтересните млади џез-состави. Вечерта ќе ја заокружи „Кантон6квартет“ техноџез-хибрид.
Следната вечер, в петок, 24 јули, фестивалот ќе почне во 20 часот.

Настапува светски реномираниот, македонски џез-хармоникаш и мултиинструменталист Јордан Костов со својот квинтет, кој поголемиот дел од времето го минува патувајќи, компонирајќи и соработувајќи со голем број музичари од светот. По него, џезтриото Cobalt code unit. Поимот уникатно е врзан за нивните изданија. За крај, скопскиот состав „Светлост: Одрон ритуал оркестар“, луѓе што со нивниот албум Odron Ritual Orchestra успеаја да влезат во сите порелевантни светски топ-листи за најдобар џез-албум за 2019 година. Во „Светлост“ членуваат 11 музичари на сцена, што го прави нивниот настап вистинска атракција за публиката.

Фестивалот е производ на дискографската куќа „ПМГ џез“, која постои од 2018 година и досега има издадено 14 изданија современ македонски џез, а идејни творци се џез-музичарот Владан Дробицки и музичарот и продуцент Мирко Попов. Културолошката заложба на „ПМГ џез“ е пронаоѓање, создавање, снимање, издавање и промоција на квалитетна македонска џез, етно и кросовер-музика. Фестивалот е поддржан од Министерството за култура.

„Заинтересирани сме за проширување на опфатот на тоа што традиционално се вика џез. Македонското поднебје е богато со разни жанровски музички родови. Би било штета ова да не се искористи и убаво е правилно да се презентира пред домашната јавност. Самото сознание дека постојат толку прекрасни музичари, кои работат квалитетна и разновидна музика, а речиси никој не им обрнува внимание, за нас е повик за акција. Наша примарна намера и фокус е македонска квалитетна џез-музика. Тоа што ќе промовираме, и таква сцена и практика ќе градиме. Секогаш сме отворени кон добри идеи од страна, несомнено има куп квалитетни странски имиња, кои би сакале да ги слушнеме, што веројатно и ќе се случи во иднина. Но, не гледаме поента сите пари што ги имаме да ги трошиме на спектакл поради спектакл, туку намерата ни е да вложиме во домашната, автентична музичка сцена. Тоа подразбира фокус на домашни автори“, велат организаторите.

Влезницата е симболични 100 денари, а двете фестивалски вечери ќе се одвиваат според сите протоколи предвидени за организација на настани од овој тип поради актуелната ситуација предизвикана од коронавирусот.

Задолжително е носење маска, столчињата ќе бидат поставени на 2 метри растојание.
Организаторите на фестивалот апелираат до публиката да се држи до сите норми на однесување сè со цел да се заштитиме меѓу себе и воедно да покажеме пример дека настаните од културата може да се одвиваат безбедно и во вакви услови. Бројот на посетители е ограничен на 300 седишта.

To Top