Уставниот суд ќе поведе постапка за Законот за банки


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Уставниот суд на денешното гласање одлучил да поведе постапка за оценка на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки.

Тоа значи дека, како што велат оттаму, судот изразил сомнеж за уставноста на оваа законска одредба. Ова е прва фаза и понатаму судиите ќе треба да одлучи дали овој став од членот 163 од Законот за банки е уставен или не, пренесува 360 Степени.

Иницијативата за оценување на уставноста ја поднесоа оштетени штедачи од Еуростандард банка, а членот 163, став 3, кој тие го оспоруваат, гласи:

„Побарувањата на Фондот за осигурување на депозити по основ на исплати на осигурени депозити се исплаќаат пред побарувањата на останатите доверители“.

Од судот не откриваат со колку гласа „за“ и колку „против“ е донесена одлуката да се поведе постапка, само нагласуваат дека таа е мнозинска, но извесно е дека некој или некои од судиите го смениле мислењето од причина што ова не е првпат уставните судии да одлучуваат за ваква иницијатива. Имено, за истата законска одредба, Уставниот суд одлучуваше на седницата одржана на 24 февруари годинава. Меѓутоа, тогаш одлуката беше спротивна. На адвокатот Љупчо Кузмановски од Скопје, кој ја поднел тогашната иницијатива, Уставен, меѓу другото, му одговори дека тој член од Законот за банки и не е работа на Уставниот суд. Мнозинството уставни судии тогаш го делеше мислењето дека постоењето на Фондот за депозити и неговата повластена улога ја заштитува „стабилноста, општо, на банкарскиот систем како јавен интерес“.

„Фондот е државна сопственост, гарантира покривање на одредено осигурено ниво на наплата на депозити на физички лица во банките на територија на Република Северна Македонија, неговата финансиска одржливост е неопходна за целокупниот банкарски сектор во државата, не е основан за еднократна цел па оттука и неговата уставно-правна опсервација се гледа како специфична осигурителна финансиска институција која заштитува на определен начин стабилност општо на банкарскиот систем како јавен интерес. Оттука, според Судот, оспорената одредба од Законот не може уставно-правно да се проблематизира како несогласна со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот во иницијативата“, се вели во дел од решението за предметот под број 299/2020.

Што значи оспорената одредба од Законот за банки?

Актуелното законско решение, за кое за разлика од пред два месеци, сега Уставен реши да поведе постапка за оценување на уставноста, во пракса значи дека кога ќе пропадне една банка, прво се обесштетува Фондот за осигурување депозити, кој, пак, е формиран за да ги обесштетува граѓаните со штеден влог до 30 000 евра, што е максимален влог кој е гарантиран со закон. Ако некој има заштеда над таа сума, мора да чека дали ќе останат пари за да му биде вратен остатокот од депозитот.

Штедачи и фирми од Еуростандард кои поднесоа иницијатива, пак, велат дека тоа не е фер и дека станува збор за дискриминација. Бараат рамноправност. Ако во конечната одлука Уставниот суд пресуди во нивна корист, Фондот за осигурување на депозити, при пропаѓање на банка, ќе чека пари од стечајната постапка како и сите други – најверојатно со години. Брзата исплата на „малите“ штедачи тогаш ќе зависи од кондицијата на Фондот и големината на пропаднатата банка. Тоа, сепак, не е грижа за штедачите кои ја спорат законската одредба. Тие сакаат сите да добијат еднаков „колач“ од тоа што останало од пропаднатата банка. И тие што имале по неколку стотици или илјади евра и тие што имале стотици илјади или милиони евра.

„Депонентите физички лица до и над 30 000 евра се нееднакви (едните се целосно обесштетени додека другите делумно обесштетени) врз основа на нивната имотна положба, што е спротивно на член 9 од Уставот. Правните лица, кои воопшто не се обесштетени, се нееднакви според општествената положба во однос на физичките лица до и над 30 000 евра, бидејќи првите се целосно, вторите делумно, додека третите (правните лица) воопшто не се обесштетени, што е спротивно на член 9 и член 55 од Уставот“, се вели во едно од соопштенијата на дел од штедачите објавени деновиве.

Од Фондот за осигурување на депозити (ФОД), но и од Министерството за финансии, пак, во изминатиот период посочуваа дека предноста на ФОД е од исклучителна важност за целиот финансиски сектор во државата, односно предноста на овој Фонд во наплатата на побарувањата е во јавен интерес, бидејќи на тој начин се одржува стабилноста на банкарскиот систем и се обезбедува социјална сигурност на граѓаните.

Седницата број 9, на чиј дневен ред се најде иницијативата од штедачите во Еуростандард банка, започна на 25 март 2021. Откако заврши дискусијата за оваа точка, седницата беше прекината, а продолжението се случи на 15 април. Тогаш, заврши дискусијата за сите точки од дневниот ред, но гласање дали да се поведе постапка за оценување на уставноста на членот 163, став 3 од Законот за банки, не се случи. Причината беше што претседателот на Уставен реши да побара мислење од Антикорупциската комисија за тоа – дали има судир на интереси кај уставните судии да гласаат за оваа точка или не.

Прашањето за постоење потенцијален судир на интерес тогаш го отвори „360 степени“, бидејќи двајца уставни судии имаат(ле) штедни влогови во Еуростандард банка, чии оштетени штедачи ја покренаа иницијативата, а еден од судиите е и во блиски пријателско-роднински врски со семејството на најголемиот акционер во банката.

Денешното гласање дали да се поведе постапка за оценување на уставноста на оваа законска одредба следуваше откако од Антикорупциска му одговорија на судот дека нема класичен судир на интереси, но укажаа дека уставните судии како службени лица се должи да ги почитуваат членовите од законот за судир на интереси и непристрасно да ги носат одлуките.