УНЕСКО апелира: Охридскиот регион ги исполнува сите услови да биде ставен на листата на светско наследство во опасност


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со забелешки за голем број недостатоци, критики и институционални проблеми, Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО во новиот извештај за Охридскиот регион наведува дека Охрид ги исполнува условите да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.

Во заклучокот на мисијата стои дека уривањето на дивоградбите во регионот се одвива многу бавно, додека за мораториумот на градба констатираат дека бил така направен што оставал голем број исклучоци ид забраната. Критики има и за дополнителната деградација на Студенчишко блато, недостатокот на студија за алтернативни траси за пругата на Коридорот 8, а се истакнува и тоа што бил повлечен законот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот регион.

„Според тоа напредокот во имплементирањето на одлуките на Комитетот за светско наследство остануваат премногу слаби и бавни поради недоволното сфаќање на вредностите на подрачјето од страна на сите страни, конфликтните визии и приоритети на локацијата од различните институции, агенции и локалната администрација, недоволната комуникација и координација меѓу централната администрација, нејзините регионални подрачни единици и локалната администрација, како и ниската вклученост на граѓанското општество. Ова резултирало со големи развојни и инфраструктурни проекти, често финансирани и поддржани од странски донатори, без соодветна евалуација на нивното влијание врз извонредната универзална вредност на подрачјето; несоодветните плански документи кои предизвикуваат закана и потенцијална опасност за подрачјето; а дополнително наштетува прекумерниот и постепен развој од нелегалните градби и активности“, стои во заклучокот на Мисијата на УНЕСКО.

Ова е вторпат Мисијата на УНЕСКО да препорача Охридскиот регион да биде ставен на листата на светско наследство во опасност.

Од здружението Охрид SOS реагираат дека ваквата препорака е заслужена бидејќи претходниве четири години динамиката во исполнувањето на барањата од УНЕСКО била „еден напред-три назад“.

„По втор пат, како резултат на континуирана деградација на културното и природното наследство на регионот, експертите со јасна и гласна препорака: Охридскиот Регион да се стави на листата на светско наследство во опасност! Овојпат, заедно со Албанија го заслуживме истото, бидејќи носителите на власта и нивните прислужници по институциите, во дружба со крупните бизниси, бескрупулозно и насилно, во континуитет чинеа злодело кон едно од настарите езера на Планетата Земја, го запустија наследството, ги нагрдија градовите, ја разграбаа земјата. За овие четири години, од претходниот извештај на Реактивната мониторинг мисија во 2017 видовме процеси со динамика еден напред-три назад, шоу со „рушење дивоградби“, план за управување кој се сведе на одредување број на катови, процеси на заштита кои се саботираа. Едно чудо комисии, формални документи кои некој ги плаќа, а никој не ги спроведува. Стручните лица на УНЕСКО, тоа лесно ги прозреа“, соопштија од Охрид SOS.

На самиот крај на Извештајот на УНЕСКО наведена е листа од околу 70-тина препораки за властите, од кои најголем дел се со препорака да бидат спроведени веднаш, без никакви одлагања.