Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Управата за извршување на санкции (УИС) донесе одлука здека аменик-министерот за правда на Косово, Блерим Салаху, може да го посети затворот „Идризово“, но не и да се види со осудените косовски државјани во случајот „Диво Насеље“ бидејќи тој е политички, а не конзуларен претставник.
Од УИС објаснуваат дека согласно Законот за извршување на санкции (член 199, став 1 и 2) осудените странски државјани во земјава може да бидат посетувани од конзуларен претставник според меѓународното право, под услови на реципроцитет.
„Управата за извршување на санкциите смета дека заменикот министер за правда не е конзуларен претставник на својата држава во Р.С. Македонија, туку е политички претставник на Р. Косово-именуван функционер кој не е истовремено овластен да е конзуларен претставник на Р. Косово за што треба да исполни посебни услови предвидени со меѓународното право. Од оваа причина, почитувајќи го законот, Управата за извршување на санкциите Ве известува дека не сме во можност да ја дозволиме бараната посета на осудените лица наведени погоре во текстот. Во конкретниот случај, Управата за извршување на санкции на косовскиот заменик-министер за правда може да му дозволи посета на КПД Идризово, но не и на осудени лица“, велат од УИС.
Косовскиот функционер веќе еднаш најави посета, а потоа ја откажа. Во гостување на телевизијата Т7 на 7 декември тој рече дека откако воспоставил комуникација со Министерството за правда, добил дозвола за посета на затворениците.
Косовскиот заменик-министер за правда најави дека утре ќе ги посети осудените за „Диво насеље“
Меѓутоа, еден ден потоа, нашиот заменик-министер, Агим Нухиу демантираше наведувајќи дека косовскиот колега ќе се сретне со раководството на затворот, но не и со осудените. Потоа, од Косово ја откажаа посетата, по што следуваше и поднесеното барање преку косовската амбасада коешто денеска е одбиено од УИС.
Нухиу демантира дека косовскиот заменик-министер ќе ги посети осудените во „Диво Насеље“
За настаните од Диво Насеље со затворски казни осудени се вкупно 33 лица, а ослободителни пресуди добија четири лица. Судскиот процес се водеше за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Првично, во постапката беа опфатени 29 лица, а подоцна случајот се спои со предметот „Молња“ каде имаше уште осум лица кои се гонеа како помагачи на вооружената група.
Првостепената пресуда Основниот кривичен суд ја донесе на 2 ноември 2017, а истата во јули 2019 беше потврдена и од Апелација. 33 лица кои беа прогласени за виновни добија: седум доживотен затвор; 13 осудени по 40 години затвор; шестмина по 20 години; еден 18 години; двајца 14 години; двајца 13 години; двајца 12 години затвор. За пресудата одбраната се жалеше и до Врховниот суд, кој седница одржа во јули годинава, а одлуката сè уште се чека.