Твитер конечно ја воведува опцијата која долго време ја бараат корисниците

Твитер започна со тестирање на долгоочекуваната опција „ edit tweet”“ која по 16 години од постоењето на мрежата им овозможува на корисниците да уредуваат твитови по објавувањето, но со опцијата се воведуваат одредени правила.

Одамна бараната опција моментално е во фаза на тестирање и најверојатно ќе функционира слично како опцијата „ edit “ на Фејсбук.

Според најавата на компанијата, твитовите ќе можат да се уредуваат неколку пати во рок од 30 минути од објавувањето.

„Модифицираните твитови ќе се појавуваат со специјална икона и временска ознака, за да им биде јасно на корисниците дека не е оригиналниот твит“, се наведува во соопштението.

Ознаката на изменетите твитови ќе вклучува целосна историја на промени, а Твитер вели дека ја тестира опцијата на мал број корисници за да ја исклучи потенцијалната злоупотреба.

Меѓутоа, откако ќе заврши интерното тестирање на опцијата, функцијата „ edit tweet“ ќе стане достапна само за претплатниците на „ Twitter blue “. Тоа значи дека доколку сакате да ја искористите опцијата, треба да се претплатите на оваа социјална мрежа со 5 долари месечно. Дали и кога ќе биде достапна за сите засега не е познато.

Џеј Саливен, потпретседателот на Твитер, на почетокот на оваа година изјави дека оваа опција „веќе многу години е најбарана“, но дека долго време не е воведена поради загриженост за можна злоупотреба.