Кога ќе застуди, топлите и хранливи оброци стануваат мало секојдневно задоволство. Меѓу нив се издвојуваат крем-чорбите: лесно се подготвуваат, заситуваат и овозможуваат најразлични комбинации од сезонски намирници. Овие рецепти се добра инспирација за поразновидно мени, без разлика дали сакате благи, кадифени вкусови или побогати споеви на зеленчук и зачини.
Нивната голема предност е што не бараат ниту многу време ниту сложени состојки. Со неколку видови зеленчук, малку зачини и соодветни додатоци, можете да добиете вкусен оброк приспособен на вашиот вкус.
Крем-чорби што ќе ги подготвувате цела зима
Крем-чорба од карфиол и компир
Карфиолот и компирот создаваат густа, нежна текстура, а лукот и пармезанот ѝ даваат дополнителна арома на чорбата. Оваа комбинација е одлична за лесен ручек или вечера, особено со крцкави коцки потпечен леб или тост. Со малку состојки се добива полн и заокружен вкус.
Состојки:
- 1 помала главица карфиол
- 2 средни компира
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 800 мл зеленчуков бујон
- 50 мл павлака за готвење
- 30 г рендан пармезан
- Маслиново масло, сол и црн пипер
- Малку свеж магдонос
Подготовка:
На маслиново масло пропржете го ситно исечканиот кромид, па додајте ги лукот, компирите исечени на коцки и карфиолот разделен на цветчиња. Налејте го зеленчуковиот бујон и варете околу 20 минути, додека зеленчукот не омекне. Изблендирајте додека да добиете мазна чорба, а потоа додајте ги павлаката за готвење и пармезанот. Загревајте уште кратко со мешање. Зачинете со сол и црн пипер, а пред послужување додајте малку свеж магдонос и неколку крцкави коцки потпечен леб.

Крем-чорба од печурки
Ако сакате поизразени, земјени ароми, чорбата од печурки заслужува место во вашето зимско мени. Шампињоните се одлична основа, а за побогат вкус можете да ги комбинирате со буковки. Мајчината душица и павлаката за готвење ја прават особено ароматична, додека неколку пропржени печурки на површината се убав завршен додаток.
Состојки:
- 400 г шампињони
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 1 помал компир
- 700 мл зеленчуков бујон
- 100 мл павлака за готвење
- 1 лажичка сушена мајчина душица
- Маслиново масло
- Сол и црн пипер
Подготовка:
Исчистете ги печурките, исечете ги на ливчиња и пропржете ги на маслиново масло додека не добијат златеста боја. Одвојте неколку парчиња за украсување. Во истото тенџере пропржете ги кромидот и лукот, па додајте ги компирот исечен на коцки, мајчината душица и преостанатите печурки. Налејте го бујонот и варете околу 20 минути, додека компирот не омекне. Тргнете го тенџерето од ринглата и изблендирајте со рачен блендер. Додајте ги павлаката за готвење, солта и црниот пипер. Вратете ја чорбата на тивок оган уште неколку минути, па послужете ја со одвоените печурки и малку свежа мајчина душица.

Крем-чорба од брокула и грашок
Брокулата и грашокот се одлична комбинација кога сакате да го освежите секојдневното мени. На чорбата ѝ даваат убава боја, пријатен вкус и кремаста текстура, а малку лимонов сок внесува свежина. Послужете ја со потпечен леб, а за уште побогат вкус додајте и малку рендан пармезан.
Состојки:
- 300 г брокула
- 200 г грашок
- 1 среден компир
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 700 мл зеленчуков бујон
- 80 мл павлака за готвење
- 2 лажици маслиново масло
- Малку лимонов сок
- Сол и црн пипер
Подготовка:
Пропржете го ситно исечканиот кромид на маслиново масло, па додајте ги лукот и компирот исечен на ситни коцки. Налејте го зеленчуковиот бујон и варете десетина минути. Потоа додајте ги брокулата и грашокот и продолжете со варење уште 10–15 минути, додека целиот зеленчук не омекне. Тргнете го тенџерето од ринглата и изблендирајте до мазна смеса. Додајте ги павлаката за готвење, неколку капки лимонов сок, сол и црн пипер, па загрејте уште кратко. Послужете со малку пармезан или со потпечени коцки леб.

Крем-чорба од тиква и моркови
Тиквата и морковите се одличен спој за зимска чорба. Нивната природна сладост, надополнета со ѓумбир и малку мускатно оревче, му дава посебна арома на јадењето, а павлаката за готвење ја прави текстурата кремаста. Оваа чорба е добар избор за лесен ручек или вечера, со потпечен леб и неколку семки од тиква.
Состојки:
- 400 г исчистена тиква
- 2 моркова
- 1 главица кромид
- 2 чешниња лук
- 700 мл зеленчуков бујон
- 100 мл павлака за готвење
- 1 лажичка рендан ѓумбир
- Маслиново масло, сол и црн пипер
- Прстофат мускатно оревче
Подготовка:
На малку маслиново масло…
Извор: Lepota i Zdravlje