Турскиот суд му досуди 2 години затвор истанбулскиот градоначалник кој е главен политички конкурент на Ердоган


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Судот во Турција денес го осуди градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу на две години затвор и му забрани политичко дејствување поради навредување на јавни службеници. Градоначалникот Имамоглу, истакнат политички ривал и критичар на претседателот Реџеп Таип Ердоган, може да се жали на пресудата.

Пресудата е објавена само шест месеци пред закажаните претседателски и парламентарни избори, на кои Имамоглу требаше да му биде силен противкандидат на Ердоган. Опозицијата сè уште не избрала претседателски кандидат кој ќе го поддржи, пишува Ројтерс.

Имамоглу, кој е член на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), е осуден поради говор по локалните избори во 2019 година во Истанбул, кога ги нарече будали оние кои ги поништиле изборите. Обвинителите бараа максимална казна од четири години затвор. Имамоглу тесно го победи кандидатот на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на Ердоган на локалните избори во март 2019.

Откако тие резултати беа поништени, лесно победи на повторените избори. Со неговата победа заврши 25-годишното владеење на АКП и неговите исламистички претходници во најголемиот град во Турција. Се смета дека исходот на изборите во 2023 зависи од способноста на ЦХП и другите во опозицијата да ги здружат силите околу еден кандидат за да им се спротивстават на Ердоган и АКП, кои во Турција владеат веќе две децении.

Затворската казна или политичката забрана треба да ја потврдат апелациските судови, што потенцијално ќе го продолжи траењето на случајот и по изборите закажани за јуни 2023. Критичарите тврдат дека турските судови носат одлуки во согласност со волјата на Ердоган, но владата го негира тоа и тврди дека правосудството е независно.

„Ѝ се суди на волјата на 16 милиони жители на Истанбул. Тие сакаат да го лишат градоначалникот на Истанбул од неговите политички права“, објави кабинетот на градоначалникот пред изрекувањето на пресудата. Имамоглу пред пресудата им се обрати на поддржувачите кои се собраа пред зградата на градската власт.

„Оваа одлука е срам за судското правосудство. Тоа е најцврстиот доказ за фактот дека правосудството е претворено во инструмент за казнување на неистомислениците. Тоа е доказ дека владетелите на оваа земја немаат цел да донесат правда и демократија во земјата“, кажа Имамоглу.

„Нема да клекнеме пред оваа корупција. Ваквите игри нема да ми застанат на патот, нема да ме уплашат, нема да се откажам“, додаде тој, додека неговите поддржувачи мавтаа со турски знамиња.