Црниот хумор и интелигенцијата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Оние кои што најмногу сакаат карикатури засновани на црн хумор, имале највисоки мерки на вербалните и невербалните тестови на интелигенција, односно потребна е извесна интелигенција, добро расположение и смиреност да се препознае и ужива во црниот хумор, покажуваат истражувањата, пишува дипломираниот психолог Томе Николоски за МКД.мк.

Сфаќањето на вицеви бара извесна ментална гипкост, интелигенција, затоа што треба да се препознае ненадејно пренасочување на значењето. Еве еден пример: „Вработив сметководител да ми го средува данокот за да заштедам време. Минатата година ми заштеди три години“. Првата реченица креира слика на ангажиран бизнисмен кој што плаќа сметководител да му ги средува даноците при што се повикува на знаењето на читателот за врската помеѓу бизнисмените и нивните сметководители. Но, зборот „години“ подоцна во реченицата претпоставува реинтерпретација на зборот „време”, како време во затвор, што претпоставува пренасочување на првобитната насоченост „ангажиран бизнисмен“ кон „корумпиран бизнисмен“.

Во една нова студија објавена во списанието „Cognitive psychology“ се проверуваше дали интелигенцијата игра иста улога во разбирањето и оценувањето на црниот хумор (црни вицеви или карикатури) по неговата хумористичка содржина. Во согласност со претходните истражувања кои што ја поврзуваат интелигенцијата со разбирањето на вицеви, во ова истражување се покажало дека учесниците во истражувањето кои што најмногу сакале карикатури засновани на црн хумор, имале највисоки мерки на вербалните и невербалните тестови на интелигенција.

Четиринаесет истражувачи, раководени од Арлике Вилинџер од Медицинскиот факултет во Виена, прашале 156 партиципиенти да го оценат разбирањето на 12 карикатури со црн хумор и ужувањето во нив, земени од „Црна книга“ на Ули Штајн. Ќе дадам еден пример на вербален опис на една карикатура што им била прикажана на испитаниците: Откако извршил самоубиство, човек виси на лустер, обесен со неговата машна. Влегува жена му со пријател и откако го забележала се жали: „И пак тој со зелена машна и плава кошула. Колку пати јас сум му зборувала за тоа сиве овие години”. Една друга карикатура прикажува збунет човек во јавна говорница, што држи телефон, при што глас доаѓа од телефонот и вели: „Овде е машина што одговара во врска со самопомош на пациенти кои боледуваат од Алцхајмер. Ако уште ја памтите вашата тема, ве молиме зборувајте во телефонот“. Партиципантите пополниле тест на вербална и невербална интелигенција и одговориле на прашања за нивното расположение, агресивни тенденции и образование.

Истражувачите идентификувале три посебни групи на партиципиенти врз основа на нивното разбирање на карикатури со црн хумор. Возраста и полот не се покажале релевантни за разбирање на црниот хумор.

Една група, со висока мерка на разбирање на црн хумор, исто така имала високи мерки на тестовите на вербална и невербална интелигенција. Припадниците на оваа група, биле со повисоко образование и имале ниски мерило на тест на агресија и лошо расположение. Ова се сложува со претходните истражувања кои покажуваат дека смислата за хумор е во корелација со IQ, но не се сложува со општото верување дека луѓето што сакаат црн хумор се намќорести и склони кон садизам.

Втората група покажала умерено разбирање на црниот хумор и најниско уживање во него. Овие луѓе имале просечна интелигенција, но покажале најнегативно расположение и највисок степен на агресија. Така, спротивно на она што можеби се очекува, ова истражување не дало докази дека црниот хумор го сакаат само намќорести и агресивни лица. Лицата од оваа група имале просечни скорови на тест на интелигенција, општо позитивно расположение и умерена агресивност.

Третата група покажала умерено разбирање и умерена преференција за црниот хумор. Оваа група имала просечна интелигенција, со општо позитивно расположение и умерена агресивност.

Вилингер заедно со тимот констатирале дека обработувањето на црниот хумор е сложена задача на процесирање на информации и се согласиле со претходните истражувања дека лошото расположение го влошува уживањето во црниот хумор. Наводно, потребна е извесна интелигенција, добро расположение и смиреност да се препознае и ужива во црниот хумор.

Да резимирам. Процесирањето на црниот хумор ја вклучува когнитивната и афективната компонента. Разбирањето и преференцијата на црниот хумор се позитивно поврзани со висока вербална и невербална интелигенција, како и со нивото на образование. Интелигенцијата е потребна затоа што ја олеснува семантичката реанализа во која елементите од постојната рамка се мапираат во нова рамка, но исто така, интелигенцијата е потребна за да се спојат елементите и битните односи од различни ситуации, кои обично не одат заедно. Емоционалната нестабилност и агресивност, наводно, го смалуваат уживањето во црниот хумор.