Цените „во облаци“: Храната најскапа во последните 30 години


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Додека светот уште мака мачеше да закрепне економски од мачната криза која ја предизвика пандемијата на Ковид-19, на 24 февруари избувна војната во Украина, која дополнително ја влоши ситуацијата.

На глобално ниво, последиците за земјите во светот можеби нема да бидат толку далекусежни доколку Русија и Украина не беа меѓу клучните производители и извозници на маслодајни семиња и житарки.

Што се однесува до основните добра, поради конфликтот дојде до недостиг на производство и автоматски – поскапување. Заклучокот на Агенцијата за храна и земјоделство, ФАО, при Обединетите нации е дека светските цени на храната се зголемиле најмногу во март од 1990 година.

Индексот на цените на потрошувачката кошничка на ФАО за основните прехранбени производи се зголеми за 12,6 отсто минатиот месец од февруари – на просечни 159,3 поени – достигнувајќи го највисокото ниво во последните 32 години.

Оваа споредба може да биде уште порелевантна: во споредба со март 2021 година, индексот се зголеми за 33,6 проценти.

Највисоки цени во март се забележани кај растителните масла (23,2% во однос на февруари), а поттикнати се од растот на сончогледовото масло поради намалениот извоз од Украина, која е најголемиот светски играч во тој домен.

Цените на житариците се зголемија за 17,1 отсто на месечно ниво, што е одраз на порастот на пченицата за 19,7 отсто и на пченката за 19,1 отсто, погодувате – поради војната во Украина. Повторно треба да се потсети дека во последните три години – Русија и Украина учествуваа со околу 30, односно 20 отсто од светскиот извоз на овие житарки.

Месото е поскапо, особено свинското

Од ФАО велат дека дополнителна причина за поскапувањето на пченицата била грижата за родот во САД. Во март значително поскапува и шеќерот, за 6,7 отсто во однос на февруари. Причина? Повисоки цени на суровата нафта и зајакнување на бразилскиот реал.

Она што донекаде го ублажи тој раст е поволната перспектива за производството во Индија.

Индексот, кој го покажува движењето на цените на месото, во март порасна за 4,8 отсто, на највисоко ниво откако ФАО почна да објавува извештаи, а тој раст беше поттикнат од зголемувањето на цената на свинското месо поради недоволниот број на овие животни во Западна Европа. Цените на живината, исто така, се зголемени поради епидемијата на птичји грип, се додава.

Најмногу пораснал индексот што го следи движењето на цените на млекото и млечните производи (2,6 отсто во однос на февруари), што ФАО го објаснува со растот на цената на путерот и млекото во прав.

Дали штетата може да се надомести?

Според досегашните анализи, производството на пченица во ЕУ треба да падне на 134 милиони тони, поради врнежите во јужните членки и евентуално помалата засеана површина. Исто така, поради војната во Украина, Агенцијата на ОН ја намали прогнозата за светската трговија со житни култури во сезоната 2021/2022 година – три отсто, на 469 милиони тони.

ЕУ и Индија треба да го зголемат извозот на пченица, а Аргентина, Индија и САД да го зголемат извозот на пченка, со што делумно ќе се компензира загубата на извозот од регионот на Црното Море.