ЦДУ утре го бира наследникот на Ангела Меркел


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На онлајн конвенција закажана за утре, партијата на Ангела Меркел, Демохристијанскиот сојуз на Германија (ЦДУ), го бира новиот лидер и наследник на Меркел. Најверојатно избраната личност ќе биде нејзин наследник и на челото на најголемата економија во Европска Унија.

Шеесет и шестгодишната Меркел ги водеше Германија и Европа низ серија кризи откако стана канцелар во 2005, но уште пред две години најави дека нема да бара нов, петти мандат.

Демохристијанскиот сојуз на Германија (ЦДУ) го бара својот втор лидер откако Меркел се повлече во 2018. Анегрет Крамп-Каренбауер поднесе оставка минатиот февруари откако не успеа да го наметне својот авторитет во партијата и одлуката за нејзин наследник постојано се одложуваше поради пандемијата на коронавирусот.

Нема јасен фаворит меѓу тројцата главни кандидати за функцијата лидер на ЦДУ.

Фридрих Мерц (65) има потрадиционален, конзервативен бизнис имиџ и неодамна изјави дека ЦДУ мора да излезе од сенката на Ангела Меркел.

Армин Лашет (59) е полиберална фигура, кој од 2017 е премиер на најнаселената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија. Се верува дека тој би бил продолжение на центристичкиот пристап на Меркел.

Третиот кандидат е 55-годишниот Норберт Ретген, кого Меркел го отпушти од функцијата министер за животна средина. Тој за себе вели дека е кандидат на модерен центар, во чиј фокус се теми како борба против климатски промени.

Социјалдемократите веќе го истакнаа својот кандидат за канцелар на изборите на 26 септември, актуелниот министер за финансии Олаф Шолц, а и Зелените најавија дека првпат ќе се борат за оваа позиција.