Три смртни случаи и 36 нови случаи на заразени лица од коронавирусот во Македонија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Според најновите статистички податоци евидентирани од страна на Министерството за здравство, во Македонија во последните 24 часа, две жени и еден маж ја загубија битката со Ковид-19.

На Инфективната клиника, починаа 85-годишна пациентка од Куманово и 77-годишна пациентка од Крушево. Третата жртва во денешната евиденција е маж од Лабуништа позитивен на корона кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори – неговиот матичен лекар информирал дека починал пред три дена. Со нив, вкупниот број на починати е 49.

Потврдени се 36 новозаболени. И денеска, најмногу се од Скопје – 22-ца, четворица се од Куманово, по тројца од Прилеп, Струга и Велес и еден е од Битола. Со тоа, бројот на дијагностицирани е 1.117, а најмногу случаи има во Скопје – 389, во Куманово – 310 и во Прилеп – 103. Во последното деноноќие излечени се 18, а вкупно 139.

Направени се 437 нови тестирања. Со нив, вкупниот број стана над 10 илјади 800. На Инфективната клиника и во Градската болница „8 септември“ се примени 12 нови пациенти. Хоспирализирани се околу 90 лица, од кои четириесетина се со потешка слика и добиваат респраторна или кислородна поддршка. Во Битолската болница се лекуваат 8 пациенти а во Штипската 8.

Директорот на Истражниот затвор Скопје, Есад Рахиќ, потврди дека сите тестови се негативни. Брисеви и брзи тестови, вкупно 150, биле направени кај сите притвореници, затвореници и службени лица кои биле во контакт со починатиот притвореник, кај кого посмртно беше утврдено присуство на вирусот.