Актуелно

Трамп: „Убиен Багдади, водачот на ИСИС – умре како куче, плачејќи и врескајќи“

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти рече дека во операцијата која во саботата вечерта ја презеле специјалните сили на САД, тие го извеле „најголемиот светски терористички лидер пред лицето на правдата“. „Абу Бакр ал-Багдади е мртов“, рече тој.

Трамп рече дека Багдади умрел „цимолејќи и плачејќи и врескајќи“ откако се нашол во тунел од кој нема излез.

Тој рече дека 11 малолетни деца биле изнесени од куќата и не се повредени, но дека Багдади со себе зел три од своите мали деца додека се обидел да избега по тунелот. Потоа го активирал експлозивниот елек, убивајќи ги и своите три деца.

Резултатите од ДНК-анализата дале „сигурна и непосредна идентификација“, вели Трамп. „Тоа е тој“.

Багдади беше „болен и расипан човек“, рече Трамп, „и сега го нема“. Тој беше „злобен и насилен и умре на злобен и насилен начин“.

Трамп им се заблагодари на Русија, Турција, Сирија и Ирак и сириските Курди за „извесната поддршка што можеа да ни ја дадат“. Тој им се заблагодари и на „одличните разузнавачки експерти“ и на вооружените сили.

„Умре како куче. Умре како кукавица. Светот сега е многу побезбедно место. Бог да ја благослови Америка.“

Трамп рече дека САД веќе неколку недели го следеле Багдади.

Терористичкиот лидер и водач на ИСИС, Багдади, кој својот живот го посвети на тероризмот, официјално починал за време на рација врз неговото засолниште во селото Бариша во провинцијата Идлиб, северозападна Сирија. Куќата се наоѓа во една од последните области на земјата што не се контролирани од сириската влада. Трамп откри дека Русија го отворила својот воздушен простор за да им овозможи на американските специјални сили да ја извршат рацијата.

Двочасовната операција се случила во саботата навечер. „Американските сили за специјални операции извршија опасна и смела ноќна рација во северозападна Сирија и во голем стил ја исполнија својата мисија“, рече Трамп во телевизиското обраќање од Белата куќа.

Трамп рече дека американските сили наишле на „огромна оружена моќ“ кога пристигнале во зградата каде што се криел ал-Багдади со семејството и своите соработници. „Имотот во тоа време требаше да биде расчистен, а луѓето или да се предаваат, или да бидат стрелани и убивани“, рече тој, додавајќи дека 11 малолетни деца биле изнесени од куќата неповредени.

Откако била расчистена куќата, милитантот побегнал по еден тунел со три од своите деца, каде што и се самоубил сосе децата, со тоа што активирал самоубиствениот елек пред да биде фатен.

„Тој стигна до крајот на тунелот додека нашите кучиња го бркаа. Го активира својот елек, убивајќи се себеси и своите три деца. Неговото тело беше осакатено од експлозиите. Тунелот се урна врз него“, рече Трамп.

Водачот на т.н. Исламска држава бил позитивно идентификуван со ДНК-анализи 15 минути откако починал. „Тој беше болен и расипан човек и сега го нема“, додаде Трамп.

Иако допрва треба да се дадат точни бројки, Трамп рече дека „многумина“ од луѓето на ал-Багдади биле убиени во рацијата. Тој рече дека американските сили не претрпеле загуби на персонал, а единствената рана ја добило воено куче. Тој им се заблагодари на Русија, Турција, Сирија и Ирак за нивната поддршка во завршувањето на мисијата.

Advertisements
To Top