Трагедија на филмски сет: Алек Болдвин убил едно лице и ранил друго кога испукал куршум од пиштол-реквизит


Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓


68-годишниот холивудски актер Алек Болдвин ја застрелал директорката на фотографија Халина Хачинс, која се здобила со смртоносни рани, и го ранил режисерот Џоел Соуза кога испукал куршум од пиштол-реквизит, соопшти полицијата.

Инцидентот се случил за време на снимањето на независниот игран филм „Раст“, пишува во соопштението на шерифот на округот Санта Фе.

„Канцеларијата на шерифот потврдува дека две лица биле застрелани за време на снимањето на филмот „Раст“. Директорката на фотографијата Халина Хачинс (42) и режисерот Џоел Соуза (48) беа застрелани кога продуцентот и актер Алек Болдвин (68) испука куршум од реквизит“, се вели во соопштението.

„Според истражителите, се чини дека снимањето на сцената содржело употреба на реквизит-огнено оружје кога било пукано“, се вели во соопштението. „Детективите истражуваат како и кој вид проектил бил испукан.“

Хачинс била пренесена со хеликоптер во болницата на Универзитетот во Ново Мексико, каде што била констатирана смрт, додека Соуза со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во регионалниот медицински центар, пренесува Си-ен-ен.

Портпаролот на Болдвин рече дека имало несреќа на снимањето, во која дошло до грешка при пукање од пиштол со ќор-фишеци.

„Њу Мексикан“ од Санта Фе објави дека Болдвин бил виден во четвртокот пред канцеларијата на шерифот во солзи, но обидите да добијат коментар од него биле неуспешни.
Хуан Риос, од Канцеларијата на шерифот, изјавил за Гардијан: „Господинот Болдвин доброволно дојде да разговара со истражителите и откако разговараше со нив замина“.

Сѐ уште не е поднесено обвинение во врска со инцидентот, соопшти полицијата, додавајќи дека го истражува пукањето.