Топењето на глечерите ја помести италијанско-швајцарската граница на Алпите – подели и еден планинарски дом


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Топењето на глечерите високо во снежните предели на Алпите ја помести границата меѓу Швајцарија и Италија, поради што локацијата на италијански планинарски дом стана спорна.

Границата меѓу овие две земји се наоѓа долж областа каде што водата од стопениот снег и мраз тече на двете страни на планината, кон едната или другата земја. Но, поради топењето на глечерот Теодул, таа област се доближила до планинарскиот дом Рифуџо Гуиде дел Червино, кој се наоѓа во близина на врвот Теста Гриџа (3480 метри).

59-годишниот турист Фредерик го посетил ресторанот во домот. Менито е на италијански, а не на германски, а цените се во евра, а не во швајцарски франци. Сепак, тој нарачува парче пита на шанкот и прашува: „Па, дали сме во Швајцарија или Италија?

Ова прашање e предмет на дипломатските преговори започнати во 2018 година, кои завршија со компромис минатата година, со тоа што деталите останаа во тајност, пишува АФП.

Кога домот бил изграден во 1984 година, неговите 40 кревети и долги дрвени маси биле целосно на италијанска територија. Но, сега две третини од домот, вклучувајќи ги повеќето кревети и ресторанот, технички се наоѓаат на југот на Швајцарија.

Договорот за промена на границата беше склучен во Фиренца во ноември 2021 година, но информациите за него ќе станат достапни за јавноста дури кога ќе биде одобрен од швајцарската влада, што нема да се случи пред 2023 година.

Целиот проблем започна по топењето на глечерот Теодул, кој изгуби речиси четвртина од својата маса помеѓу 1973 и 2010 година. Поради ова, неговиот карпест дел излезе на површина, што го промени првичниот договор заснован на движењето на водата и ги принуди Италија и Швајцарија повторно да исцртаат 100 метри долг дел од границата.

Ален Вихт, главен граничен службеник во швајцарската национална картографска агенција Свисстоп, рече дека ваквите прилагодувања биле чести и најчесто се решавале со споредување на читањата на геодетите од пограничните земји, без мешање на политичарите.

„Се расправаме за територија која всушност не вреди многу. Но, во овој случај станува збор и за планинарски дом, кој на земјата ѝ дава одредена економска вредност“, рече Вихт.

Неговите италијански колеги одбија да коментираат „поради сложената меѓународна ситуација“.

Поранешниот шеф на Свисстоп Жан-Филип Амштајн рече дека ваквите спорови обично се решаваат со размена на парцели со еднаква површина и вредност. Во овој случај, Швајцарија не е заинтересирана да добие друга област на глечерот.

Поради долгогодишните преговори, доцни и реконструкцијата на планинарскиот дом бидејќи селата од двете страни на границата не можат да издадат градежна дозвола. Затоа, изградбата нема да биде завршена навреме за планираното отворање на новата жичарница на италијанската страна на планината Клајн Матерхорн на крајот на 2023 година. Патеките се достапни само од швајцарското скијалиште Цермат.