Типов е толку опасен коцкар што му забранија влез во сите казина – еве ја неговата тајна

Доминик „Дајс Доминатор“ ЛоРиџи за едни е најдобриот коцкар на светот, додека други го сметаат за апсолутен измамник, пренесува Vice.

63-годишниот коцкар тврди дека неговиот метод „контрола на коцките“ му има донесено толку пари, што во повеќето казина во Лас Вегас и Мисисипи му е забранет влезот, а оние на кои им го покажал својот метод тврдат дека со истиот заработуваат десетици илјади долари во казината.

Доминик вели дека од обичното фрлање коцки има направено вештина, а тврди дека секој може да се научи на таквата „уметност“ на фрлањето зарови.

„Фрлањето коцки е работа на физиката, тоа е проектил во движење, во воздух…“, вели ЛоРиџи за новинарот од Vice кога се сретнаа за интервју во Лас Вегас. „Сум научил еден куп луѓе на овој метод и сега играат професионално, победуваат со фрлање коцки со помош на техниката која јас ја развив и на која ги научив“, додава.

Неговата компанија, Golden Touch Craps, неодамна во еден хотел одржа дводневен семинар на кој неговата екипа инструктори ги подучуваа коцкарите ентузијасти, а секој од нив за таа привилегија плати по 1.595 долари.

Совладувањето на неговото „златно фрлање“ е процес од осум чекори, а вклучува целење на одреден дел од масата, држење на коцките на одреден начин, фрлање на коцките така што ќе се елиминира дополнително ротирање, намалување на шансите за отскокнување и синхронизација на вртењето на коцките за да не паднат во комбинација 4-3, 5-2 или 6-1, кои го носат губитничкиот број седум.

„Јас не сум Ајнштајн и не ги преправам законите на физиката“

Целта на умешноста на контрола на коцките, како што објаснува овој експерт за таа вештина, е да ја минимизираш шансата коцките да паднат на збирна комбинација седум, комбинирајќи ги бројките од еден до шест, на еднаш од 6,23 фрлања, со што фрлачот добива предност еквивалентна на онаа која крупието на карти ја има на масата каде што се картаат коцкарите.

На неговиот семинар се појавија дваесетина учесници, сите од различни делови на земјата, а некои доаѓаа по втор или трет пат на оваа „обука“. Се вежба на вистински маси, опремени со електроника и камери кои на инструкторите им помагаат по пат на успорени снимки да ги научат практикантите на „златното фрлање“.

Менторите се „сертифицирани“ така што од неговата компанија докажуваат дека секој пат можат да го изведат истото фрлање, а поради тоа добиваат и прекари како Златна рака, Господин Фајнс и слично.

Сопственикот на профитабилната компанија ЛоРиџи за Vice открива дека кога патувал по земјата со екипа „ритмични фрлачи“ (како што самите фрлачи на коцки се нарекуваат себеси), му било забрането да влезат во повеќето казина со големи влогови, вклучително и во најпознатите на светот, па затоа својата техника почнал да ја покажува јавно. Почнал да продава и книги и да прави кратки филмови за контролирање на коцките.

„Кога веќе не можам да играм, сакам моите ученици да им ги соберат парите“, говори Доминик. Заслугите за својата рафинирана вештина ги припишува на флексибилните рачни зглобови и добрата координација на раката и очите која ја стекнал како дете свирејќи пијано.

ЛоРиџи не е првиот коцкар кој тврди дека може да ги контролира коцките доволно добро за да победува, но откако постои тоа, постои и скепсата за тоа. Речиси е невозможно дефинитивно да се докаже дека контролирањето на коцките не функционира, но повеќето експерти за коцкање велат дека тоа е губење време со образложение дека едноставно има премногу варијабли, односно, ако коцката се мрдне макар и милиметар, се менува целиот пад и ротација на истата.

19-10-dominic-kocki1

ЛоРиџи вели дека никогаш никого не одбил за да му ја демонстрира својата вештина, а тврди дека истата може ефикасно да ја докаже со помош на софтвер за надзор. „Да не беше вистина, мене немаше да ми биде забранет влез во Bellagio, ниту во било кое друго големо казино“.

Еден од неговите ученици вели дека смета оти GTC на некој начин е измама, бидејќи цените се пренабиени, но додава дека контролирањето на коцките е реалност.

„Работата оди одлично“, вели ЛоРиџи, додавајќи дека сите семинари во текот на 2016 му биле полни со учесници, а дека и првиот закажан за 2017 во Атлантик Сити е веќе распродаден.