Тим од израелски хакери преку софистициран софтвер изманипулирале повеќе од 30 изборни процеси ширум светот


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


50-годишниот бивш израелски разузнавач Тал Ханан, кој се претставува под псевдонимот Хорхе, тврди дека може да манипулира со избори во било која земја во светот. Тој со својот тим тоа го постигнувале преку ширење лажни вести, измислува десетици илјади профили на социјалните мрежи, хакира политичари и ги наоѓа нивните слаби точки, пренесува Дојче Веле.

Но, сега Израелецот и неговите соработници се фатени во тесно – истражувачки новинари им се претставија како потенцијални клиенти и со месеци комуницираа со нив. Конечно, минатата година имаше состанок во необележана канцеларија во израелскиот град Модин. Новинарите снимија се со скриена камера.

Приказната за мистериозната група под кодно име „Тим Хорхе“, кој никаде не е регистриран како ПР агенција или нешто слично, во средата беше објавена во 30 светски медиуми, меѓу кои и германските медиуми Шпигел, Цајт и ЗДФ.

Во полчасовната репортажа што во средата ја објави магазинот „Фронтал“ на јавниот сервис ЗДФ, може да се видат средбите кои новинарите ги снимиле со скриена камера во канцеларијата што ја користеле Тал Ханан и неговите колеги. „Нема ништо на (канцелариската) врата“, се пофали Ханан. „Такви сме ние – никој, ние сме воздух“.

Ханан, поранешен војник на израелските специјални сили и експерт за експлозиви, подоцна ги отфрли сите наводи на прашањето на новинарите. Истото го направија и неговите соработници, од кои некои претходно работеле за израелската тајна служба.

Во моментот кога не знаеја дека спроти нив седат новинари, Ханан и неговите соработници покажаа како ги хакираат сметките на мејл и Телеграм на еден кениски политичар и во негово име испраќаат пораки. Тоа беше непосредно пред изборите во Кенија минатиот август.

Демонстрираа и како функционира нивната платформа која за неколку секунди создава лажни луѓе- односно профили на социјалните мрежи. Овие „личности“ користат слики од вистински луѓе, имаат сопствена електронска пошта, телефонски број, дури и можност да платат за некои услуги со биткоини. По желба можат да се активираат и да шират секакви вести.

Како што тврди Ханан – а тоа не може да се провери – тие учествувале во 33 претседателски кампањи од кои нивните клиенти биле успешни во 27 кампањи.

Ханан наречен Хорхе тврдеше дека биле присутни во Босна и Херцеговина, Грција, Украина, Индонезија, Емирати, Кенија, Мозамбик…

Новинарскиот тим дојде до мејлови кои ја докажуваат комуникацијата меѓу Ханан и шефот на озлогласената Кембриџ Аналитика, која користеше податоци од социјалните мрежи за да влијае на изборите во САД и референдумот за Брегзит.

Според неделникот Цајт, лажните профили со кои управува „Тим Хорхе“ се наменети за поддршка или предизвикување на разни работи во светот. На пример, тие се залагаат за продолжување на работата на нуклеарна централа во Калифорнија или против снабдувач на луксузни јахти.

На новинарите кои се претставувале како клиенти, Израелците им кажале дека хакирањето на едно лице чини 50.000 долари и дека за шест милиони долари може да предизвикаат настан кој би ги одложил изборите во една африканска земја. Тие наводно работат со ангажирање поранешни разузнавачи и луѓе со искуство во различни земји.

Несвесен дека го снимаат, Ханан во еден момент вели дека има само три работи што не сака или не смее да ги прави – да се меша во американската политика, да прави нешто во Израел или да направи нешто против рускиот претседател Владимир Путин.

Но, самите новинари наведуваат дека не може целосно да се провери дали е вистина сето ова, дали се претерува во ветувањата или тие навистина влијаеле на претседателските избори ширум светот.

„Овие мажи раскошно зборуваат за минатите потфати, но никогаш не именуваат клиенти“, пишува Цајт. „Разговорите што Ханан ги води со новинарите се всушност од рекламен карактер. Можно е да претерува“.

Нејасно е колку „Тим Хорхе“ сакаше да се рекламира и подобро да се претстави, вели за ДВ Јулијан Јаурш од германската фондација за нова одговорност. „Сепак, се чини дека постојат докази дека тие се обидуваат да влијаат и да ги фалсификуваат сметките на социјалните мрежи“.

Јаурш, кој е специјализиран за заштита на корисниците на социјалните мрежи, вели дека има уште многу работа за да се спречи лажните профили да го организираат ширењето на лажни вести. „Платформите мора да продолжат да издвојуваат ресурси за подобро да разберат како функционираат лажните вести и да се спротивстават на нив“.

Кога новинарите испратија прашања до Ханан и соработниците, од кои еден е неговиот брат, сите тие негираа дека сториле нешто незаконско. Еден од нив – кој беше присутен на состанокот во Модино и неколку разговори преку Зум – дури тврди дека не знае што е „Тим Хорхе“.