Тевдовски: Ќе се задолжиме 470 милиони евра во 2018 за враќање на рати и дупка во буџетот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Државата следната година кон странство треба да врати долг од 169 милиони евра направен од претходната Влада, но и да ја покрие дупката во државната каса од 300 милиони евра. Оставена е можноста овие пари што недостасуваат да се обезбедат со ново задолжување во странство односно со нова еврообврзница.

„За следната година предвидовме да има можност и за странско задолжување, бидејќи сега имаме ниски поволни каматни стапки на меѓународните пазари, а очекувањата се дека ќе почне да се зголемуваат. Тоа не прави да размислуваме дека можеби е време да излеземе на меѓународниот пазар. Воедно во моментов трите еврообврзници имаат историски најниска каматна стапка и ако се излезе би се добило ниска цена. Во тие рамки правиме анализи“.

Во буџетот за следната година предвидени се 15 милиони евра повеќе за Министерството за одбрана заради подигање на стандардите и приближување кон НАТО. Буџетот на Министерството за внатрешни работи е зголемен за 20 милиони евра заради враќање на долгови.

И сите други министерства ќе имаат поголеми буџети. Традиционално, најголем е буџетот на Министерството за труд и социјална политика, нешто над 700 милиони евра. 106 милиони евра ќе има за трошење Министерството за здравство. 95 милиони евра се предвидени за Министерството за транспорт, а МНР ќе има на располагање 19 милиони евра. Три пати поголем буџет од годинава или 36 милиони евра се предвидени за Министерството за финансии.

Од 2000 година наваму, буџетското салдо било позитивно само три пати. Сите останати година државната каса била во минус. Од 2009 година пак буџетскиот дефицит поголем од 2% од БДП. За следната година Владата проектираше буџетски дефицит на ниво од 2,7 отсто, што е за 0, 2 процентни поени помалку од годинава.