Студија објавена во Лансет: Лицата кои прележале Ковид-19 и имаат антитела како да имаат „панцир против болеста“


Одиме јако! Не чека ЛУД викенд! ↓↓↓


Според податоците кои кои ги содржи една студија објавена во Лансет, лицата што прележале од ковид и имале антитела по неговото прележување имаат драматично ниски шанси од повторно заразување од вирусот.

Се работи за рецензија на студии објавени на платформата ПабМед од почетокот до 28 септември 2021. Овие студии, меѓу кои има и такви кои го опфаќаат неодамнешниот период на доминација на делта варијантата, заклучуваат дека ризикот за повторно заразување со САРС-КоВ-2 вирусот кај лицата кои претходно го прележале ковид-19 е намален за меѓу 80,5 и 100%. Според авторите, се работи за масовни студии спроведени низ цел свет.

Тие наведуваат засебна лабораториска студија која ги опфаќа резултатите од тестовите на 9.119 луѓе што претходно имале ковид-19. Овие резултати се од периодот 1 декември 2019 до 13 ноември 2020. Меѓу нив само 0,7% повторно се заразиле.

Во студија спроведена од Кливленд клиниката во САД лицата кои претходно немале ковид имале стапка на заразување од 4,3 на 100 луѓе, додека кај оние кои веќе прележале стапката на заразување била 0 на 100 луѓе.

Авторите Ноа Коџима и Џефри Клауснер, пишуваат и за австриска студија која открива дека стапката на хоспитализација заради повторно заразување била петорица на 14.840 луѓе (или 0,03%), а стапката на смрт при повторената инфекција била 1 на 14.840 луѓе.

Заради ограничениот временски период, за сега овој имунитет се знае дека траел повеќе од 10 месеци, меѓутоа не е познато колку е крајниот рок на траење.

„Важно е да се знае дека антителата се некомплетен предвидувач на заштитата. По вакцинација или инфекција кај човекот се појавуваат повеќе механизми на имунитетот, не само на ниво на антитела, туку и на ниво на клеточен имунитет. Познато е дека инфекцијата од ковид-19 предизвикува специфичен и долготраен имунитет на Т-клетки кој таргетира повеќе делови од протеинот на САРС-КоВ-2,“ пишуваат Коџима и Клауснер.

Тие наведуваат и студии поврзани со САРС-КоВ вирусот од 2002/2003 во која пациентите и понатаму ги имаат заштитните Т-клетки 17 години откако го прележале вирусот. Двајцата потсетуваат и на мемориската реакција на Б-клетките на САРС-КоВ-2 која еволуира во периодот меѓу 1 и 6 месеци по заразата.

„Некои луѓе кои прележале ковид-19 можеби и нема да имаат бенефит од ковид-19 вакцина. Всушност, студија откри дека прележан ковид-19 се поврзува со зголемен број неповолни настани по вакцинирање со вакцината на Фајзер. Дополнително, има и ретки извештаи за сериозно неповолни настани по вакцинација за ковид-19. Во Швајцарија, жителите кои можеле да покажат дека заздравеле од САРС-КоВ-2 преку позитивен ПЦР или друг тест во изминатите 12 месеци се сметаат за еднакво заштитени како и оние што се целосно вакцинирани,“ објаснуваат во Лансет двајцата автори.

Нивната порака е дека се неопходни дополнителни студии околу сето ова, но дека за сега „докторите треба да останат оптимисти околу заштитниот ефект од прележување на претходна инфекција.“

„Имунитетот на заедницата за контрола на САРС-КоВ-2 епидемијата може да се постигне преку стекнат имунитет заради претходна инфекција или вакцинација.

Стекнатиот имунитет преку вакцинација секако е многу побезбеден и префериран.

Имајќи ги предвид доказите за имунитет од претходна САРС-КоВ-2 инфекција, носителите на политики сепак треба да го земат предвид прележувањето на САРС-КоВ-2 како еднаков на имунитет добиен од вакцина во однос на влегување на јавни места, бизнис, работно место или патување,“ пишуваат Коџима и Клауснер.