Статус кво во преговорите за формирање нова Влада

Нема поместување во насока на формирање нова влада од мандатарот Никола Груевски. Тој го доби мандатот пред една недела, но условите што ги поставија партиите на Албанците и последно ДУИ, го отежнаа преземањето иницијатива од Груевски за евентуално да го покани Ахмети на преговарачка маса. На прес-конференцијата, ВМРО ДПМНЕ одби да одговори на ова прашање. Од партијата на Ахмети потврдија дека нема никаков напредок, пренесува Алсат М.

СДСМ го повика Груевски да не им ја отежнува состојбата на граѓаните и да се согласи со волјата на над 600 илјади граѓани кои гласаа за промени.

На граѓаните и на Македонија им е потребна нова одговорна влада која ќе работи во нивен интерес, која ќе води реални политики и која ќе се зафати со потребниот реформски процес за да им обезбеди квалитетен живот и евроатланска иднина. Повикуваме Груевски да престане да им отежнува на граѓаните и на Македонија и да се помири со мнозинската волја на граѓаните, соопштуваат од СДСМ

Во интервју за италијанскиот весник „Ла Верита, министерот за надворешни работи од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Никола Попоски, изјави дека по изборите, нивниот стремеж е стабилна земја и интеграција во ЕУ и НАТО. Тој не прецизира што ќе се случи при преговорите на нова влада, но изјави дека изборите докажале дека земјата може да успее сама, без инволвираност однадвор.

По добивањето на мандатот, од ВМРО ДПМНЕ потврдија дека ДУИ ќе биде првата партија со која ќе започнат преговори за формирање влада, но подоцна изразија незадоволност од заедничката платформа на албанските партии. Кога од ДУИ соопштија дека нема да преговараат за целосна официјализација на албанскиот јазик, продолжување на мандатот на Специјалното обвинителство и процесот на евроинтеграции, ВМРО ДПМНЕ категорично ги отфрли првите два услова.