Сонот за „фајналфор“ конечно остварен: Вардар го прегази Фленсбург во Скопје


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Вардар, конечно, успеа до Фајналфор турнирот во Лигата на шампиони. Македонскиот машки првак го прегази Фленсбург во реванш четвртфиналниот меч со 35:27 и за првпат во клупската историја ќе биде дел од завршната четворка во елитното натпреварување.

„Црвено-црните“ одиграа како по ноти, како што посакуваа, како што најавија, на задоволство на распродадената арена „Јане Сандански“, на задоволство на оние што пулсираа со нив на платото пред салата и воопшто на целокупната домашна спортска јавност. Не согореа во желбата, се справија со притисок, ја имаа поддршката од трибините и по кој знае кој пат оваа сезона го искажаа својот потенцијал за највисоки дострели.

Сигурната игра, убедливото водство и збунетиот противник овозможија простор и за моменти за атракции во форма на цепелини на воодушевување и забава за публиката. Циндриќ со седум гола беше најефикасен во тимот на Вардар, Магнусен со осум, пак, беше прв стрелец во натпреварот. Одличен на голот беше Арпад Штербик кој со своите интервенции ги фрустрира момците на Љубомир Врањеш. И во „Фленс арена“ и вечерва во СЦ „Јане Сандански“ заврши голем дел од работата при пробивање на патот кон Келн.

Вардар – Фленсбург 35:27 (15:10)

Сала: СЦ „Јане Сандански“ во Скопје. Гледачи: 6.500. Судии: Мартин Гјединг и Мадс Хансен (двајцата од Данска). Ц. картон: Карлсон (Фленсбург) 58 минута.

Вардар: Штербик, Милиќ, Стоилов 1, Мораеш 1, Македа, Деревен, Карачиќ 3, Душебаев 5, Абутовиќ, Кањелјас 3, Циндриќ 7, Чупиќ 2, Дибиров 1, Шишкарев 5, Борозан 4, Марсениќ 3. Тренер: Раул Гонзалез.

Седмерци: 4/5. Исклучувања: 6 минути. Технички грешки: 8.

Фленсбург: Андерсон, Мелер, Карлсон, Магнусен 8, Гландорф, Могенсен 3, Сван 1, Ване 3, Ѓорѓиќ, Јакобсон 1, Хајнл, Захаријасен 1, Тофт Хансен 4, Шмид 2, Мае 4, Радивоевиќ. Тренер: Љубомир Врањеш.

Седмерци: 8/8. Исклучувања: 8 минути. Технички грешки: 8.