Со фантастичен настап, д-р Неле Карајлиќ го отвори 20-тиот Таксират


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Синоќа во преполната и распродадена „Дансинг Сала” во Младинскиот Културен Центар во Скопје, публиката на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ имаше исклучителна можност да биде дел од фантастичниот концерт на една од најголемите музички легенди во регионов, Д-Р НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ!

Извонредниот мултимедијален уметник настапи во Скопје по речиси 25 години од неговиот последен концерт кај нас, во оваа прилика за отворањето на јубилејниот 20-ти ТАКСИРАТ, а неговото враќање пред македонската публика по толку години, дополнително придонесе за најпозитивниот емотивен набој во публиката која повеќе од два часа уживаше во репертоарот сочинет од најголемите хитови кои ја одбележаа младоста на генерации музички фанови. Сејугословенската легенда НЕЛЕ КАРАЈЛИЌ од „Забрањено Пушење”, „Топ листа надреалиста”, New Primitives, No Smoking Orchestra и т.н., приреди незаборавна концертна вечер на која во еден глас се пееја рефрените на „Недеља кад је отишао Хасе”, „Ибро Дирка”, „Пишоња и Жуга”, „Зеница Блуз”, „Гузоњин Син”, „Дјевојчице којима мирише кожа”, „Жени нам се Вукота” и уште многу други, а сите ние во публиката не можевме да посакаме подобра атмосфера за отворањето на годинашниот 20-ти Таксират.

И ако по утрото се познава денот, тогаш сигурно е дека во претстојните фестивалски денови нѐ очекува рекордно издание на ТАКСИРАТ – најголемиот урбан зимски фестивал во југоисточна Европа. Потврда за тоа секако се и веќе одамна распродадените концерти од програмата, како што се самостојниот концерт на СТРАЈК на 2-ри декември во „Дансинг Сала” и „Вечер на гломазна поезија” – театарско-сценскиот перформанс на РАМБО АМАДЕУС кој поради огромниот интерес ќе има два настапи на 3-ти и 4-ти декември во кино „Фросина” во МКЦ, а секако најголемото внимание на публиката е насочено кон главната вечер која ќе се одржи на 8-ми декември во Арена „Борис Трајковски” каде што во една вечер ќе настапат: PENDULUM, NOUVELLE VAGUE, MANDO DIAO, ДУБИОЗА КОЛЕКТИВ, SMUT, RAHZEL, The X-Ecutioners, SAF Sound System, Trap Da Fuck Up и Културно Уметнички Работници.