Со 30 пункта спортската сала „Борис Трајковски“ ќе се адаптира за масовно вакцинирање против КОВИД-19


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првото масовно вакцинирање против КОВИД-19 во Македонија започнува во среда. За таа потреба, од утре арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе почне да се подготвува за тие потреби.

„Во спортскиот центар ќе бидат поставени 30 пункта за вакцинирање против КОВИД-19 и со тоа ќе бидеме подготвени за масовната имунизација“, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Таму ќе бидат поставени лекари и медицински сестри од Здравствен дом Скопје.

Министерот кажа дека во април се очекуваат вакцини од повеќе места, т. е. втората доза од „АстраЗенека“, односно 76 илјади дози преку Ковакс-механизмот, како и вакцините од Кина. Во однос на вакцините од „Фајзер“ кои се нарачани со директни преговори, Филипче рече дека конечно „Фајзер“ го потпишала договорот и дека оваа недела треба целосно да се потпише договорот.

Во земјава досега се вакцинирани 7.005 лица, т. е здравствени работници од Ковид-центрите.

Вакцинацијата со 24 илјади дози од „АстраЗенека“ почнува в среда, 31 март. Првите 20.000 граѓани кои ќе бидат имунизирани со оваа пратка вакцини се хронично болните и лица над 75-годишна возраст, како ризична група.

Филипче кажа дека тие денес и утре треба да бидат повикани од матичните лекари. Возрасните лица ќе добијат термини каде и во кој пункт од среда натаму да се јават.

За состојбата со болнички кревети, Филипче кажа дека се обезбедни плус 100 кревети на Клиниката за урологија и два спрата од Педијатрија. Од утре за Ковид-центар ќе се обезбедува Заводот за рехабилитација во Козле, прво 40 кревети, а откако ќе се намести централниот довод на кислород, ќе има капацитет од 180 кревети.

Во изминатите 24 часа во Ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 48 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Во Скопје лежат 668 лица, и до утрово имало 70 слободни места.

На Инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1.537 и има околу 300 празни болнички кревети во Ковид-центрите. Во земјава има околу 19 илјади активни случаи на ковид-19.

За 2 недели, во земјава има 10.300 повеќе активни болни, на 5 март беа 8.569, а вчера 18.907 активни случаи, како и 499 починати повеќе од 5 март досега.