Славниот телескоп оди во пензија: Гигантскиот Аресибо кој 57 години трагаше по вонземјани ќе биде демонтиран


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Гигантскиот телескоп Аресибо лоциран во Порторико, еден од најголемите телескопи на светот познат по своето учество во трагањето по вонземјани, ќе биде демонтиран по 57 години употреба.

За жал, поради оштетувања на клучни елементи претставува голем безбедносен ризик. Двата кабли кои ги држат инструментите тешки 900 тони над чинијата со обем од 305 метри пукнале на 10 август и 6 ноември, што значително ја загрозило статиката на телескопот.

Како што соопштија од американската организација Национална научна фондација (НСФ), секој обид за поправка би можел да претставува проблем.

„Инженерите се загрижени дека и останатите кабли би можеле да пукнат во секој момент, поради што обидот за поправка на веќе оштетените кабли би бил многу опасен потфат“, соопшти НСФ.

Телескопот стана светски славен со филмот „Golden Eye“ за британскиот таен агент Џејмс Бонд, во кој е местото на главната пресметка на јунакот со главниот негативец.

Тој се појави и во филмот „Contact“ со Џоди Фостер. Дејството на филмот се однесуваше токму на потрагата по сигнали на вонземјани со помош на овој уред.