Ноје цирхер цајтунг: Во европските метрополи полесно се регрутираат терористи отколку на Балканот


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Швајцарскиот весник Ноје цирхер цајтунг, во голема статија која ја објави посветена на актуелните терористички напади и случувања кои ја потресоа Европа, заклучува дека Балканот не претставува погодно место за регрутирање исламистички терористи, туку дека за тоа многу попогодни се западните европски метрополи. Весникот констатира дека социјалната контрола е многу посилна во балканските муслимански општества отколку во муслиманската дијаспора на Западот, пренесува Мкд.мк.

Како најсвеж се наведува примерот на терористот од Виена.

Швајцарскиот весник заклучува дека околу третина од населението во западнобалканските земји (Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и Македонија) се изјаснуваат како муслимани и дека во некои држави се и мнозинство од населението, но дека се повеќето верници кои главно практикуваат толерантна верзија на сунитскиот ислам. Доста муслимани на Балканот, на пример, консумираат алкохол. Балканскиот ислам дошол со турските освојувања и некое време претставувал државна религија на Отоманското царство.

По 1945 година комунистичките режими во Југославија и Албанија спроведоа длабока секуларизација која уште повеќе ја намали улогата на религијата во јавниот живот. Некои нации во меѓувреме посилно се идентификуваат со религијата, на пример Србите и православието и Бошњаците и исламот, но Албанците и понатаму претежно инсистираат на лаицизам, имајќи предвид дека се мултиконфесионална нација, што доведува до конфликт со растечкото влијание на исламот, пишува весникот.

Влијанието на екстремните струи на исламот на Балканот почна да расте за време на војните во 1990-тите, а тоа најдобро може да се види по изградбата на џамиите кои не се вклопуваат во традиционалната архитектура на Балканот. Верските екстремисти старите структури сепак успеаја да ги зауздаат, а со време опадна и влијанието на Саудиска Арабија, со што повторно се отвори простор за влијанието на Турција, која негува потолерантна варијанта на исламот која се потпира на балканскиот ислам.

Францускиот експерт за Балканот Ксавиер Бугарел истакнува дека џихадистите своите поддржувачи од Балканот главно ги регрутираат меѓу младите мажи кои припаѓаат на муслиманското малцинство во Бугарија и Македонија, а најмногу успех имаат меѓу муслиманската дијаспора на Западот, во Виена или Берлин на пример.

Таканаречените паралелни џемати во БиХ, во кои се собираат салафистите, се под контрола на исламската заедница, полицијата и средината, со што нивното радикално влијание се ограничува, што на Западот не е така.

„Сè укажува на тоа дека е полесно да се радикализираат луѓето на Западот отколку во земјите од кои потекнува европскиот ислам“, наведува Ноје цирхер цајтунг.

Виенскиот историчар и албанолог Роберт Пихлер истакнува дека на Западот доаѓа до отуѓување меѓу родителската генерација доселеници и нивните потомци, кои дури потоа се препуштаат на исламистичката радикализација. Втората генерација често се чувствува недоволно прифатено во општеството во кое живее, а чувствуваат и дека не можат да ги исполнат очекувањата на родителите. Пихлер вака го опишува тој механизам: наместо да бидам дете на неугледни гастарбајтери од Балканот, можам да станам дел од светската мрежа која се бори за исламот.

Младите ги привлекува и возбудата која со себе ја носи припадноста во малите, тајни групи и работата во илегала.

Францускиот политиколог Оливие Рој, пак, ги истражувал биографиите на исламистичките терористи од Европа и констатирал дека радикализацијата се одвива преку интернет, но не секогаш во директен контакт со некоја терористичка група како ИСИС. Големо влијание има и влегувањето во ситнокриминалното милје.

„Терористите доаѓаат од рабовите на муслиманскиот живот“ во Европа, смета Рој. Поради тоа муслиманските општества на Балканот не се погодни локации за регрутирање терористи, додека западните метрополи се, заклучува Није цирхер цајтунг.