Актуелно

СЈО бара разрешување на судијата Бахчованска заради антидатирање на одлука за случаот „Тифани“

Специјалното јавно обвинителство поднело претставка до Советот за утврдување на факти и поведување постапка за утврдување одговорност за судија, против судијката Моника Бахчованска од скопскиот Кривичен суд. СЈО бара од Советот да ја испита работата на судијката Бахчованска поради наводи што укажуваат на нестручно и несовесно вршење на судиската функација.

Во претставката на СЈО се наведени околности кои укажуваат на тоа дека судијката Бахчованска го антидатирала решението со кое прислушуваните разговори се отфрлаат како доказ во постапката за случајот „Тифани“, во кој новинарката и уредничка на телевизиијата „Сител“ е обвинета за даночно затајување.

Според СЈО, Бахчованска решението за издвојување на „бомбите“ од доказниот материјал го донела на 11 септември оваа година, а во образложението на својата одлука се повикала на одлука на Апелацискиот суд Скопје околу користењето на прислушуваните разговори во случајот „Триста“, која второстепениот суд ја донел на 18 септември, односно седум дена подоцна.

Решението на Бахчованска за „Тифани“, СЈО го добило на 5 октомври.

„Оттука, произлегува дека судијата Бахчовановска посочила решение што во моментот на донесување на одлуката сè уште не е дел од правниот поредок на Република Македонија, односно не е воопшто донесено според временскиот момент. Се поставува прашањето како судијата Бахчовановска можела да ја знае содржината на одлуката на Апелацискиот суд Скопје седум дена пред истиот да одлучи. Тоа упатува дека решението на судијата Моника Бахчовановска од 11 септември 2017 година, всушност, е антидатирано решение, односно не е донесено на наведениот датум, туку на некој подоцнежен датум, што, пак, понатаму упатува на заклучок дека судијата Бахчовановска при носењето на наведената одлука постапувала несовесно“, стои во претставката на СЈО до Советот за утврдување на факти.

Од СЈО наведуваат дека „временскиот момент на носење на судските одлуки е исклучително значаен, бидејќи тоа е моментот од кој одредена судска одлука почнува да опстојува како таква во правниот поредок и стекнува одредена правна сила, односно произведува одредено правно дејство“, поради што е недозволива каква било манипулација.

Извор: Мета.мк

To Top