Шведска и Финска на прагот од НАТО – дали Турција ќе го оспори нивното зачленување?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Претседателот на Финска Саули Нинисто вчера потврди дека неговата земја ќе поднесе барање за членство во Алијансата, додека шведските владејачки социјалдемократи најавија официјална промена на политиката, што ќе го отвори патот нивната земја да поднесе барање за членство во рок од неколку дена.

„Денес Шведската социјалдемократска партија донесе историска одлука да ја поддржи апликацијата за членство во НАТО одбранбената алијанса“, објави на Твитер шведската министерка за одбрана Ан Линде. „Руската инвазија на Украина ја влоши безбедносната ситуација за Шведска и за цела Европа.“

Турција, која во петокот ги изненади сојузниците со објавата дека има резерви кон членството на Шведска и Финска, вчера на маргините на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Берлин ги изнесе своите барања. Анкара соопшти дека сака двете земји да престанат да ги поддржуваат курдските милитантни групи присутни на нивна територија и да ги укинат забраните за продажба на одредени оружја на Турција.

„Убеден сум дека ќе можеме да се справиме со стравувањата изразени од Турција на начин што нема да го одложи членството“, изјави вчера генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен одби да даде детали за разговорите одржани зад затворени врати во Берлин, но го повтори ставот на Столтенберг.

„Сосема сум убеден дека ќе најдеме консензус за ова прашање“, изјави Блинкен за новинарите, додавајќи дека НАТО е „место за дијалог“.

Откако вчера ги презентираше барањата на Турција, турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу рече дека разговорите со шведските и финските колеги биле корисни. Двете земји дале предлози како да одговорат на забелешките на Анкара, кои Турција ќе ги разгледа, додека тој им предочил докази за присуство на терористи на нивните територии, рече тој.

Според Ројтерс, Чавушоглу ја издвоил Шведска, велејќи дека курдската милитантна група ПКК, која е означена како терористичка во САД и ЕУ, одржува состаноци во викендите во Стокхолм.

Сепак, тој истакна дека Турција не се противи на политиката на алијансата да остане отворена за сите европски земји што сакаат да аплицираат за членство.

Секоја одлука за проширување на НАТО бара одобрение од сите 30 сојузници и нивните парламенти. Анкара, членка на НАТО веќе 70 години, ќе биде под огромен притисок да се договори, велат дипломатите на НАТО, бидејќи алијансата верува дека влезот на Финска и Шведска значително ќе ја зајакне нејзината позиција на Балтичко Море.

И Шведска и Финска беа неутрални за време на Студената војна, а нивната одлука да се приклучат во НАТО ќе биде една од најголемите промени во безбедносната архитектура на Европа во последните децении, што ја одразува големата промена во јавното мислење во нордискиот регион откако Русија во февруари ја нападна Украина.

Најавата за поддршка за членството од страна на шведските социјалдемократи ѝ отвора пат на премиерката Магдалена Андерсон во рок од неколку дена да поднесе официјална апликација за членство.

По согласноста на сите членки на НАТО – доколку се надминат приговорите на Турција – одобрението може да биде издадено во рок од неколку недели, иако ратификацијата во националните парламенти може да потрае и до една година, велат дипломатите и официјалните претставници.

Москва на можноста двете земји да влезат во НАТО одговори со закана со одмазда, вклучително и неодредени „воено-технички мерки“.

Нинисто, кој во саботата разговараше со рускиот претседател Владимир Путин, рече дека разговорот бил одмерен и не содржел закани.

„Тој потврди дека смета дека тоа е грешка, но не ги повтори претходните закани. Генерално, разговорот беше многу, да речеме, мирен и одмерен“, рече Нинисто во интервју за Си-ен-ен.