Шпекулации или вистина: Грција го бара споменикот на Александар, а за возврат го дава „Тркачот“

Споменикот „Воин на коњ“ да замине за Атина, а атинскиот „Тркач“ да пристигне во Скопје била идејата на министерката за култура на Грција, пренесена на средба на скулпторот и автор на споменикот, Костас Вароцос, според тврдењата на уметникот за грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Веста од синоќа е една од главните теми во медиумите во Грција, а министерката за култура, Мирсини Зорба, категорично демантира дека постоел разговор за размена на споменици.

Во изјава за медиумите, скулпторот Варцос открива дека минатиот петок се сретнал со Зорба во Министерството за култура на Грција кога и му била презентирана идејата.

-Госпоѓа Зорба во разговорот ја спомена идејата „Тркачот“ да се пренесе во Скопје. Ѝ одговорив дека „Тркачот“ не може да замине од Атина од многу причини. Освен тоа што скулптурата ѝ припаѓа на општина Атина јас ги имам авторските права. И не е само оваа причина. Министерката го демантира предлогот што ми го достави, вели Костас Вароцос во изјава за грчката новинска агенција АНА-МПА.

И Министерката за култура за државната агенција освен што демантира, објаснува дека споменикот ѝ припаѓа на општина Атина.

-Не постои никаков предлог за пренесување на „Тркачот“, тоа не нешто неосновано. Освен тоа, скулптурата му припаѓа на градот Атина. Во рамките на една општа дискусија со истакнати грчки уметници, меѓу нив и господинот Вароцос беа разговарани и коментирани многу работи, но не и таков предлог. Јас имам други приоритети, а можноста за размена на споменици или промени на табли припаѓаат на надлежностите на други министерства. Жал ми е за вревата и моралната паника што некои побрзаа да ја демонстрираат, вели министерката за култура на Грција, Мирсини Зорба за АНА-МПА.

Станува збор за една од најпознатите атракции во Атина, направена е во 1994 година од стакло и железо и висока е 12 метри. Автор на скулптурата е познатиот уметник Костас Вароцос. „Тркачот“ веќе еднаш беше преместен. Првично беше поставен на плоштадот „Омонија“, но кога почнала изградбата на метрото поради стравот дека од тресењето и вибрациите од градежните активности може да се оштети, е преместена на споменатиот плоштад кај Хилтон.