Сенатот го прогласи за уставен импичментот на поранешниот претседател Доналд Трамп


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Американскиот Сенат го прогласи судењето на поранешниот претседател Доналд Трамп во Конгресот за уставно, со што се создаде простор за целосна постапка за процесот на импичмент за претседател кој веќе заминал од должноста, што претставува преседан во историјата на САД. За овој случај одбраната на Трамп посочи дека е преседан од колонијалната ера на Британската империја.

Според бројот на гласовите – 56, кој ги доби предлогот за прогласување на процесот за уставен, значи дека шестмина сенатори од Републиканската партија го поддржале аргументот на демократите дека судењето е дозволено со Уставот на САД, додека 44 сенатори не го делат тоа мислење. Правната расправа го одбележи првиот ден од процесот, а за гласање за уставноста беше доволно просто мнозинство.

Имено, на почетокот од рапсравата, Џејми Раскин, демократски конгресмен од сојузната држава Мериленд, ги негираше аргументите на одбраната на Трамп дека постапката за импичмент не може да се примени на лице коешто повеќе не извршува никакви јавни функции. Притоа, тој се повика на преседаните од британската историја, истакнувајќи ја и постапката за импичментот за Ворен Хастингс, поранешен гувернер на британските поседи во Индија уште во XVIII век.

„Првиот пример е од англиската историја и тоа е важно затоа што, како што напишал Александер Хамилтон (еден од основачите на САД – з.р.), Англија станала модел од кој била позајмена идејата за овие институции. И секому, кој е запознаен со оваа историја, веднаш му станува јасно дека поренешните функционери може да одговараат за нарушувања кои ги извршиле во моментот додека биле на должноста“, образложуваше во воведните зборови Раскин, поранешен професор по право, кој настапи како тужител од Претставничкиот дом.

„Нема нималку простор за сомневање во легитимноста на постапката за отповикување, бидејќи постапката е започната кога Доналд Трамп беше уште на должноста. Нема никаква дилема за фактот дека Сенатот е надлежен да му суди“, додаде Раскин.

Адвокатите на Трамп, како и претходно, изјавија дека тој повеќе не е претседател, туку обичен граѓанин и дека Сенатот нема правна основа да му суди по обвинувањето од Претствничкиот дом (долниот дом на Конгресот) дека наводно го поттикнувал насилството на 6-ти јануари на Капитол Хил.

Во текот на образложението на аргументите за неуставност на процесот тие ја обвинија страната која се јавува како тужител во Сенатот дека обидувајќи се да ја оправда законитоста за отповикување на поранешен претседател, всушност се повикува на преседани од времето на Британската империја од којашто подоцна се издвоија поранешните северноамерикански колонии.

„Не можам да поверувам дека овие луѓе го цитираат како пример она што се случило пред Револицијата (Војната за независност на САД – з.р.), како тоа да има некакво значење за нас. Ние го напуштивме британскиот систем. Доколку навистина ќе ја користиме предреволуционерната историја на Велика Британија, тогаш преседанот бил бил: имаме парламент и имаме крал. Дали ни е потребен таков преседан?“, праша адвокатот на поранешниот американски претседател, Брус Кастор.

Додека за одлуката за уставноста беше потребно просто мнозинство, за изрекувањето пресуда со која Трамп ќе биде прогласен виновен, според американскиот Устав во Сенатот е поотребно двотретинско мнозинство.

Американските политички коментатори оценуваат дека и доколку како во овој случај некои републикански сенатори се решат да ги поддржат демократите, малку е веројатно тоа да го сторат 17 републиканци, колку што е потребни. Оценуваат дека имајќи ја предвид сѐ уште големата поддршка што ја ужива Доналд Трамп во републиканското гласачко тело, тој има многу големи изгледи да биде ослободен од обвиненијата на демократите, на почетокот од следната седмица.

Така би пропаднала идејата на Демократската партија, па и на некои припадници на либералниот естаблишмент во Републиканската партија, всушност да се оневозможи Доналд Трамп да се кандидира на следните претседателски избори во 2024 година, како што неколкупати најавуваше.