Секоја чест: Македонските филмови растураат на интернационалните фестивали


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На петото издание на Интернационалниот филмски фестивал ФерФилм во Феризај (Урошевац) Косово, кој што се одржа од 02 до 06 Септември 2017, наградата за Најдобар игран филм ја доби „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски и продукција на Авард Филм и Видео.

Покрај него уште два македонски филма добија награди. Имено за најдобар краток филм беше прогласен „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска, а наградата за најдобар анимиран филм ја доби „Кружно патување на Марето“ на Жарко Ивановски. Филмот на Јакимска ја освои и наградата за најдобар краток филм на Меѓународниот филмски фестивал Мекиненса што деновиве се одржа во Шпанија. Ова е прва награда за делото на македонската режисерка, која веќе работи на своето ново остварување – долгометражниот игран филм „Полноќен воз“.

Во конкуренција на 25 филмови од 17 земји кои учествуваа на штотуку завршениот Меѓународен филмски фестивал Мекиненса, во областа Арагонија во Шпанија, „Ќе дојдат децата“ на Ана Јакимска е добитник на главната награда за најдобар краток филм. Ова е прва награда за актуелното остварување на македонската режисерка за кое интернационалното жири ќе забележи дека „поседува исклучителен естетски квалитет и дека успешно ја гради атмосферата што произлегува од драмата на младата учителка Велика (Наташа Петровиќ) која пристига во едно планинско село за да ги учи децата, но единствениот човек што го среќава таму е старата служителка на училиштето (Шенка Колозова). Додека ги чека децата да дојдат во училиштето, таа открива поинакви животни тајни.“

Филмот е работен по сценарио на Бранко Костески, во него настапува и Владимир Петков, директор на фотографија е Наум Доксевски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Милена Атанасова, шминка Ѓулфери Качаревиќ, а продуценти се Дејан Крајчевски и Марија Димитрова. Ова остварување на „Круг филм“ финансиски симболично беше поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија, а беше реализирано во соработка со Факултетот за драмски уметности од Скопје.

Инаку, по премиерата на Скопскиот Филмски Фестивал, филмската комедија „Ах, љубов моја“ беше прикажан и на
Балкан Филм анд Фуд Фестивал, во Поградец, Албанија, како и на Фестивалот на медитерански и европски филм во Требиње, Босна и Херцеговина.

Во наредниот период филмот ќе биде прикажан и на Македонскиот Филмски Фестивал во Канада и Македонскиот Филмски Фестивал во Австралија.