Home Шоубизнис Рик Флер итно пренесен во болница откако откри дека има тромб во ногата

Рик Флер итно пренесен во болница откако откри дека има тромб во ногата

Легендарниот борач Рик Флер, според медиумските извештаи, итно е пренесен во болница во Флорида, само неколку часа откако откажа појавување на настан поради компликации од тромб во ногата.

На фотографиите до кои дојде ТМЗ, 77-годишниот пензиониран борач изгледа во лоша состојба, додека четворица медицински лица клечат покрај него и му укажуваат помош. „Ју-ес викли“ побара коментар од неговиот претставник.

Случајот се случил само неколку часа откако Флер објави дека нема да присуствува на „Вашингтон стејт хорор кон“. Борачот, познат по прекарот „Нејчр бој“, на Инстаграм објасни дека лекарот го советувал да не патува со авион пред планираната интервенција за отстранување на вената во левата нога во која се создал тромб.

„Тромбовите се исклучително сериозни и можат да бидат опасни по живот. Неодамна го видовме тоа кај Џејлен Хертс, квотербекот на Филаделфија иглс, и компликациите со тромбови во неговите бели дробови. Тоа е потсетник дека ова не смее да се сфати несериозно и дека морам да ги следам лекарските совети“, напиша Флер.

„Закажана ми е интервенција за отстранување на зафатената вена. Лекарите очекуваат дека по неа повторно ќе можам да добијам дозвола за патување“, додаде тој.

Флер ги увери обожавателите дека одлуката да го откаже појавувањето во околината на Сиетл не ја донел лесно.

„Навистина ми е жал за непријатностите и разочарувањето и бескрајно сум ви благодарен за трпението, разбирањето и постојаната поддршка. Со нетрпение очекувам да закрепнам и повторно да се видиме. Ви благодарам за љубовта и поддршката“, порача тој.

Членот на Куќата на славните на WWE, кој во моментов има договор со „Ол елит реслинг“, низ животот се соочил со повеќе сериозни здравствени проблеми. На 4 октомври 1975 година, во авионска несреќа во близина на Вилмингтон, Северна Каролина, се здобил со скршеница на грбот и тешки расекотини, но успеал целосно да закрепне.

Во 2017 година, по операција за отстранување дел од цревото што предизвикувал опструкција, кај Флер се појавиле повеќе компликации, меѓу кои и откажување на бубрезите. Лекарите првично стравувале дека нема да преживее, но нешто повеќе од еден месец подоцна бил отпуштен од центарот за рехабилитација.

Флер подоцна изјави дека доживеал срцев удар за време на својот последен меч, одржан во Нешвил во јули 2022 година. Во тој настап, заедно со Андраде ел Идоло, ги победил Џеј Литал и Џеф Џерет. Во периодот од 2022 до 2025 година, двапати се лекувал и од рак на кожата.


Извор: US Weekly

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Шоубизнис
Comments are closed.

Check Also

Дав Камерон откри зошто го избрала Кени Ортега да ја води свадбената церемонија со Дамијано Давид

Дав Камерон уште многу пред свадбата со Дамијано Давид знаела дека сака Кени Ортега да ја …