Наставникот Лангстон Картер е уапсен во четвртокот, на 22 октомври, под сомнение дека му продал таблети на ученик во својата училница во училиштето „Л.Е.А.Д. Академи“ во Монтгомери, во американската сојузна држава Алабама, објави ВСФА.
Според судските документи во кои увид имал медиумот, истражителите потврдиле дека се случила купопродажбата. Картер наводно му ги предал таблетите на ученикот во училницата, откако тој му платил.
Од училиштето потврдија дека во четвртокот попладне учениците биле задржани во училниците со ограничено движење, на барање на полицијата во Монтгомери, „за да се обезбеди непречено спроведување на истрагата“.
Откако полицајците биле известени за сомневањата, полициско куче ја проверило надворешноста на автомобилот на Картер и реагирало на мирис. Полицијата потоа го отворила багажникот и пронашла торба за носење преку рамо. Во неа имало 6,9 грама марихуана, дигитална вага, празни пластични кесички, 18,9 грама гумени бонбони со печурки, 19 таблети што содржеле по 5 милиграми оксикодон хидрохлорид и 325 милиграми ацетаминофен, наполнет пиштол „Берета“ со калибар од 9 милиметри и други предмети поврзани со наркотици.
Во петокот, на 23 октомври, училиштето потврди дека Картер добил отказ по апсењето.
Тој се соочува со повеќе обвиненија за тешки кривични дела, меѓу кои поседување огнено оружје на училишен имот, две точки за незаконска дистрибуција на контролирана супстанција и поседување марихуана од прв степен.
Извор: US Weekly