Се затвори кочанската фабрика „Пејпер Мил“ – еден од најголемите загадувачи во Кочани


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Кочанската фабрика за хартија „Пејпер мил“ е затворена. Ваквата одлука беше донесена после неколкутте решенија на инспекциските служби за заштита на животната средина. Во фабриката за рециклирање хартија работеа 120 работници.

Бугарскиот сопственик на компанијата вчера ги известил вработените дека од денеска повеќе да не доаѓаат на работа.

„Фабриката е затворена и производствениот процес е целосно запрен, но работниците сè уште не се отпуштени од работа. Што ќе биде понатаму чекаме одговор од бугарската страна. Одлуката е донесена вчера, а причината за затворањето е што нема исплатливост за понатамошно работење ако како енергенс се користи метан“, изјави Игор Тасевски, одговорно лице во „Пејпер мил“.

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) донесе решение фабриката да работи на плин поради надминување на емисиите од оџакот, кои беа направени на 30 декември. Од ДИЖС тогаш посочија дека „инсталацијата ќе работи на плин се додека не се постигнат законски утврдените гранични вредности“.

Надминувањето на дозволените вредности беше констатирано во неколку наврати. Жителите на Кочани неколку пати протестираа пред фабриката, која за нив беше најголемиот загадувач на градот.

„Пејпер мил“ веќе две години (2018 и 2019) работеше со загуба која достигна и повеќе од еден милион евра. Во Кочани оваа фабрика рециклираше хартија веќе 5 години. Во сопственичката структура на друштвото има четири бугарски компании: „ЕЈ БИ ЕМ Груп ЕООД“ , „Унитејд еко ООД“, „Елбимек ООД“, „Вадиас Трејд ООД“ и скопското друштво „Унитрејд 2012“ фирма ќерка на бугарски „Унитрејд 2002 ООД“.