САД пак против Гугл


Викенд најава - Најинтересно во Серија А! ↓↓↓



Министерството за правда на Соединетите Американски Држави поднесе тужба против технолошкиот и интернет гигант Гугл за доминација на пазарот на онлајн рекламирање, започнувајќи нова правна битка против технолошкиот гигант со седиште во Калифорнија.

Ова е втора федерална тужба против Гугл за наводни антимонополски прекршувања и прва откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде функцијата пред две години. Претходниот случај го таргетираше пребарувачот на Гугл кој доминира во светот и се очекува да оди на судење подоцна оваа година, пишува Слободна Европа.

Во најновата тужба, обвинителите како цел го имаат огромниот профитабилен рекламен бизнис на Гугл, настојувајќи да го разбијат за да ги израмнат терените за игра на другите компании. „Гугл користи антиконкурентни, исклучувачки и незаконски средства за да ја елиминира или сериозно да намали каква било закана за нејзината доминација на технологиите за дигитално рекламирање“, се додава во тужбата.

Централно место во случајот е доминацијата на Гугл во рекламната технологија, на која се потпираат технолошките компании за нивните потреби за онлајн рекламирање. Обвинителите рекоа дека Гугл „сега ги контролира“ и купувањето и продавањето на клучниот сектор, што значи дека креаторите на веб-страниците заработуваат помалку, а огласувачите плаќаат повеќе.