САД очекуваат удар од епски размери на „Флоренс“, еве што следува после овој ураган


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Пет американски држави – Вирџинија, Вашингтон, Северна и Јужна Каролина и Мериленд – прогласија вонредна состојба во очи надоаѓањето на ураганот „Флоренс“, најмоќната бура со која истокот на САД се соочил во последните три децении, а која во наредните 48 часа може да предизвика опасна поплава од епски размери. „Флоренс“ би можел да стигне на копното утре, покрај Вилмингтон во Северна Каролина.

Американскиот претседател Доналд Трамп денес потпиша декларација за вонредна состојба во Северна и во Јужна Каролина, со што овозможи да се користат средства од сојузната сметка.

„Моите луѓе само што ме известија дека ова е една од најлошите бури што ќе го погодат источниот брег во многу  години. Ве молам бидете подготвени, бидете внимателни и бидете на безбедно“ – напиша тој на својот Твитер профил.

Трамп ги смируваше жителите од источниот брег и тврдеше дека властите се целосно подготвени. Подоцна тој напиша дека безбедноста на американскиот народ му е апсолутен приоритет и ги повика загрозените жители да ги следат инструкциите на локалните и на државните службеници.

„Флоренс“ моментално е бура од четврта категорија, со брзина на ветрот од околу 215 километри на час.

„Оваа бура е чудовиште. Голема е и немилосрдна. Станува збор за историски ураган екстремно опасен за животот“ – изјави гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер, и го повика населението да се евакуира.

Во делови од Јужна и на Северна Каролина и Вирџинија е наредена евакуација на повеќе од милион луѓе. Гувернерот на Јужна Каролина нареди евакуација на цел брег на оваа сојузна држава до денес на пладне по локално време.

Бранови и до 3,5 метри

Националната метеоролошка служба утринава извести дека се очекува продолжениот тренд на бавно зајакнување на бурата во текот на наредниот ден. Ураганот би можел да има послаб интензитет утре, кога се предвидува неговото доаѓање на брегот, но официјалните лица предупредуваат дека веројатно ќе остане екстремно опасен и кога ќе стигне на копното.

Националната метеоролошка служба предвидува дека бурата ќе предизвика бранови со висина до 3,6 метри, додека во некои подрачја би можел да заврне дожд до 50 сантиметри на квадратен метар.

Гувернерот на Вирџинија, Ралф Нортам, предупреди дека може да има катастрофални поплави во внатрешноста, силни ветрови и можност да снема струја.

Роб Фловер, метеоролог од локална телевизија од Јужна Каролина, за Би-би-си изјави дека овој ураган ќе се почувствува и до 160 километри од точката на контакт со брегот и додаде дека би можел да биде еднакво катастрофален како „Хуго“, кој во 1989 година уби 49 луѓе и предизвика штета од 7 милијарди долари.

По „Флоренс“ следува „Хелена“

– „Флоренс“ се менува и расте – наведе Центарот за урагани и предупреди за евентуално зголемување на водата на брегот на Северна и на Јужна Каролина и на поплави.

Центарот повика на најголема претпазливост бидејќи повеќето смртни случаи за време на ураганите ги предизвикуваат поплавите.

По ураганот Флоренс на Атлантикот следуваат ураганот „Хелена“ од втора категорија со ветрови од 175 километри на час и тропската бура „Исак“ со ветрови до 110 километри на час.

Помеѓу август и септември 2017 година три силни урагани, „Харви“, „Ирма“ и „Марија“, убија илјадници луѓе и предизвикаа милијарди долари штета на Карибите и на југоистокот на САД.