Руските сили ја окупираа најголемата нуклеарна централа во Европа лоцирана кај Запорожје


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Руските воени сили ја презедоа контролата врз Запорожје, најголемата нуклеарна централа во Украина, но и во Европа, откако претходно истите ја гранатираа нуклеарната централа предизвикувајќи пожар.

Украинскиот нуклеарен инспекторат направил увид во нуклеарната централа и утврдиле дека иако имало оштетување на објектите на шесте реактори, сепак нивната безбедност не е загрозена.

Нападот врз Запорожје предизвика остри осуди од сите западни лидери кои ја обвинија Москва дека спроведува „нуклеарен терор“ и ја загрозила безбедноста на целиот континент. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија сакала да создаде нов Чернобил во Украина.

Според изјави на вработени во Запорожје, дадени за западните медиуми, пожарот избил во објект за спроведување обуки кој бил надвор од кругот на нуклеарката, но бил ставен под контрола. Во нападот и пожарот во нуклеарната централа загинале тројца украински војници а биле повредени двајца чувари.

Нападот на нуклеарната централа Запорожје е резултат на руската офанзива за преземање на Енерходар, каде се произведува четвртина од целата електрична енергија во Украина. Според градоначалникот Дмитро Орлов, борбите меѓу украинската и руската армија се водат на периферијата на градот, а доброволци од Енерходар заедно со вработените во нуклеарната централа креваат барикади и чуваат стража.

Ситуацијата за Украинците е критична долж целиот брег на Црното Море. Мариупол е опколен и непрекинато бомбардиран, во градот нема струја и вода а локалните власти предупредуваат дека се на раб на хуманитарна катастрофа. По падот на Херсон вчера, голема руска флота се упати кон Одеса, најголемото украинско пристаниште на Црното море, а на само 130 километри источно копнените сили го напаѓаат градот Миколаив.

На северот од земјата интензивни борби се водат околу Киев, Чернихив, Харков, и градот Суми кој е последниот опсаден град од руската армија.