Руски воен шпион се обидел да се инфилтрира како стажант во Меѓународниот суд во Хаг


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Руски шпион се обидел да се инфилтрира како стажант во Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг со помош на лажен идентитет, соопштија холандските разузнавачки служби. Шпионот со децении работел на својот лажен идентитет и се претставувал како граѓанин на Бразил.

Сергеј Владимирович Черкасов (36), обвинет дека е агент на руската воена разузнавачка служба ГРУ, отишол во Холандија во април, мислејќи дека ќе добие пристап до информациите на судот за воени злосторства. Тој користел лажен идентитет и се претставувал како 33-годишен Бразилец Виктор Мулер Фереира.

Черкасов веќе претходно го откриле западните разузнавачи. Кога пристигнал во Холандија, го задржале службениците за имиграција и го вратиле во Бразил. Во времето кога шпионот дошол во Холандија, МКС почна да ги испитува воените злосторства во Украина. Ако Черкасов успеел во својот план, тој ќе имал пристап до системите за електронска пошта на судот и ќе можел да копира, менува или уништува документи и докази, пишува Гардијан.

Западот се плаши дека украинската криза ги поттикнала ГРУ и другите руски агенции да се однесуваат непромислено во своите шпионски акции.

„Ова ни покажува што планираат Русите, се обидуваат да добијат незаконски пристап до информациите во рамките на МКС. Ова го квалификуваме како закана од високо ниво“, рече Ерик Акербоум, главен директор на холандската разузнавачка агенција.

МКС нуди 200 стажирања годишно за студенти и дипломати во области како што се правото и социјалната психологија. Портпаролката на судот рече дека тие се благодарни за поддршката од холандските власти. „МКС сите овие закани ги сфаќа мошне сериозно“, додаде таа.

Холанѓаните велат дека Серкасов сега го чекаат судски постапки во Бразил. Бразилските власти сè уште не го коментираа случајот.