Рекорден број на новозаразени од коронавирусот во САД – во само еден ден нови 54.000 случаи


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


САД забележаа рекордни 54.000 новозаразени лица со новиот коронавирус во еден ден, според официјалните податоци на американскиот Центар за контрола на болестите (ЦДЦ) објавени во текот на вчерашниот ден, а кои се однесуваа на претходниот ден.

Просечниот дневен број на нови случаи на зараза оваа недела во САД беше поголем од 40.000, повеќе отколку во деновите со најмногу новозаразени во април и мај.

Ширењето на ковид-19 не покажува знаци на успорување. Флорида, едно од главните нови жаришта на епидемијата, јави нови 9.500 заразени во еден ден, според податоците на локалните здравствени власти за денес, со што релиси се изедначи досега забележаниот најголем број случаи во еден ден во таа сојузна држава.

Бројот на новозаразените расте и во јужните и југозападните држави, каде Калифорнија, Тексас, Аризона, Џорџија и Северна Каролина бележат значителен раст на бројот на заболените. Како што расте бројот на новозаболените, расте и загриженоста дека некои делови од САД премногу и пребрзо се отвориле.

Потпретседателот на САД Мајк Пенс неделава ја посети Аризона, а денес требаше да се сретне и со гувернерот на Флорида Рон де Сантис, кој најави дека нема во поголема мера да ги прекинува економските активности, иако воведе ограничувања за работата на баровите и рестораните.

Претседателот Доналд Трамп продолжува да кажува дека сојузната влада им помага на локалните власти во зауздувањето на ширењето на заразата и ги отфрла грижите дека новото ширење на коронавирусот би можело да го сопре економското заздравување од рецесијата.

Податоците за ширењето на епидемијата доаѓаат пред викендот во кој на 4 јули се одбележува американскиот Ден на независноста и обично има големи собири.