Во епизодата на „Маршали“, серијата од светот на „Јелоустоун“, емитувана во неделата, на 22 ноември, Кејси (Лук Грајмс) и Бел (Ариел Кебел) работеа под прикритие. За да бидат уверливи во своите улоги, двајцата мораа да се бакнат, и тоа пред очите на Андреа (Еш Сантос) и Кал (Логан Маршал-Грин). По неколкуте смртни случаи во серијата, овој потег отвори нови прашања за односите меѓу ликовите.
Сантос претходно овој месец зборуваше за хемијата меѓу Андреа и Кејси и за начинот на кој сценаристите ја развиваат нивната блискост.
„Сега во сценариото се внесуваат мали навестувања за нив. И двајцата минуваат низ нешто што навистина ги тера да почнат да се преиспитуваат што всушност чувствуваат“, изјави актерката за „Ас викли“.

Таа објасни и како го доживува развојот на нивната приказна.
„На почетокот не го забележував тоа. Кога ја добив улогата, не бев свесна и навистина сакав да остане така, бидејќи мислам дека е покомплицирано да толкуваш лик ако однапред знаеш сè што ќе му се случи. Убаво е да си дозволиш да бидеш изненадена, како да станува збор за твојот живот“, рече Сантос.
„Врската меѓу Андреа и Кејси во втората сезона станува уште подлабока. Тој е единствениот кому таа навистина му се доверува за она што го дознава за својот татко. Знае дека само тој може да ја разбере, бидејќи и самиот поминал низ истото со Џон Датон“, додаде таа.
Во претстојна епизода, Кејси ќе ѝ се придружи на Андреа на патување во Њујорк.
„Начинот на кој самиот се нуди да оди со неа во Њујорк и навистина стои покрај неа ѝ покажува дека може да се потпре на него. Тоа е нешто навистина посебно во секое пријателство“, најави Сантос.
Актерката откри и неколку детали од снимањето, без да ја раскаже сцената.
„На крајот од 15. епизода има една сцена за која нема да кажам ништо, но ја снимавме неодамна. Пред нас беше панорамата на Менхетн, бевме на вода, ноќе, некаде под Бруклинскиот мост. Си помислив: ‘Боже, колку е прекрасно! Обожавателите ќе бидат воодушевени’“, рече таа.
Извор: US Weekly