Како е да се биде професионален Counter-Strike играч! ↓↓↓
Согласно првичните објавени наоди од истрагата за автобуската трагедија со автобус од „Беса Транс“ во Бугарија, до пожарот во автобусот дошло кога истиот многу силно удрил во десната ограда на автопатот, па потоа на левата. Заменикот на главниот бугарски обвинител Борислав Сарафов кажа дека од стружењето од оградата и асфалтот настанал ефект на шмиргла, при што се создале многу искри и од искрите се запалиле течностите на автобусот – нафта, масла од моторот и менувачот, а се вжештиле и воздушните перничињата, што дополнително придонело да настане пожар од невидени размери.
Во трите туби што биле најдени во автобусот, имало само остатоци од нафта што ја користел автобусот, рече Сарафов и повтори дека немало бензин, не биле полни со гориво, ниту со други запаливи течности. Резервоарот бил на предната страна на автобусот.
Тоа што го чуле преживеаните како експлозија било силниот удар на автобусот во оградата, рече Сарафов.
Бројката на влезени патници во автобусот што изгоре завчера на магистралата Струма кај Перник (Бугарија), не се совпаѓа со бројот на труповите најдени при увидот по катастрофалната несреќа во која загина скоро цел македонски автобус.
„Заедно со возачите, во Бугарија влегле 52 патници во настраданиот автобус, вклучително со двата возача. Преживеаните, чии изјави се совпаѓаат, тврдат дека осум лица се спасиле, а не 7. Се трага по тоа лице кое се спасило. Првичната теорија на истражителите е дека еден од патниците за време на 20-минутната пауза, се префрлил во друг“, рекоа обвинителите Сарафов и Маринов на утринската прес-конференција во Бугарското обвинителство.
Ја отфрлија и можноста за терористички напад.
Сарафов ги отфрли сите шпекулации за (шверцуван) бензин, нафта и како што рече, други запаливи течности во автобусот. Ги отфрли и шпекулациите дека имало очевидци на настанот. Единствени сведоци се преживеаните 7 патници – 4 мажи и 3 жени.
На прашање дали имало експлозија, обвинителите кажаа дека засега знаат дека имало многу силен удар на автобусот. Дополнително експертите за пожар, сообраќајните експерти, како и тие за возила, ќе утврдуваат дали имало експлозија, што експлодирало и како настанал брзиот пожар кој зеде 44 животи .
Според медицинските експертизи и аутопсиите, патниците починале веднаш, од задушување, а не од повреди и траума. Аутопсијата на загинатите лица е готова, по земањето на ДНК анализата утре од Mакедонија, од роднините на загинатите, ќе се утврди брзо и нивниот идентитет и останките на загинатите достоинствено ќе бидат испратени дома, рече портпаролката Сијка Милева.
Според Сарафов, има индиции дека причина за несреќата е човечка грешка, но тоа треба да се утврди со вештачењата и експертизите. Но, Милева додаде дека уште денеска ќе се испитува лошата сигнализација на автопатот и лошиот пат. И, за тоа, ќе има одговорност, рече обвинителот.
Бугарското обвинителство ќе бара одговорност и кај полицијата и царината, кои го пуштиле автобусот да влезе без меѓународна лиценца и без евиденција во системот од македонската гранична служба.
Автопатот каде што се случи катастрофалната, најголемата автобуска несреќа во Европа, уште е затворен за сообраќај.