Прв ден откако стапи на сила мобилизацијата во Русија која ја нареди Путин – еве како помина


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Вчера беше првиот ден откако на сила стапи наредбата од рускиот претседател Владимир Путин Русите да се мобилизираат за да ѝ се приклучат на војската, за како што рече тој, „одбрана на руската територија“.

До подобните мажи биле доставени писма, наставниците во училиштата биле притиснати да делат повици, а на голем дел од мажите им бил даден еден час за да си ги спакуваат куферите и да заминат кон базите. Жените во солзи ги испратиле нивните сопрузи и синови во руската војна против Украина, пренесува „Гардијан“.

Првиот ден од делумната мобилизација на Русија помина доста емотивно, додава британскиот весник. На улиците низ руските градови продолжија масовните, но и насилни протести против руската мобилизација. Летовите од Русија кон Турција и Србија достигнаа рекордни цени, пренесува Слободен печат.

Една жена од мало село во регионот Бурјатија, во источен Сибир, вели дека осетила дека нешто чудно се случува откако слушнала како уличните кучиња почнале да лаат на полноќ.

Во селото живеат околу 450 луѓе, а на старешината му било наредено да оди од куќа до куќа, повикувајќи ги селаните да се приклучат на руската армија.

Следното утро мажите, принудени да се приклучат на војската, се збогувале со своите семејства, а неколку се собрале пред нивните домови, пиејќи во вотка и испраќајќи се со своите најблиски. Жените плачејќи ги испратиле мажите кон автобусот кој ги чекал регрутите, раскажува жената за „Гардијан“.

За време на телевизиско интервју во средата, министерот за одбрана на Русија, Сергеи Шојгу рече дека Русија ќе регрутираат 300.000 војници, главно оние со неодамнешно воено искуство. Но, вистинската бројка во наредбата потпишана од Путин е тајна.

Некои сметаат дека таа бројка може да биде многу повисока. Независниот руски весник „Новаја газета“ објави дека извор од претседателската администрација изјавил дека Русија сака да повлече повеќе од 1 милион луѓе во армијата. Тоа известување не е потврдено од други медиуми.

Во Нерјунгри, вториот по големина град во Саха, познат и како Јакутија, се појавија видео снимки на кои се гледаат десетици мажи кои се собрани на фудбалскиот стадион Горњак и се качуваат во автобуси кои се движат кон центрите за регрутирање, додека членовите на семејствата се збогуваат во солзи.

„Тие веќе им дадоа покана на работниците од Колмар и Мечел“ (две големи рударски компании кои работат во регионот), рече активистот кој го објави видеото. „Тие даваа покани цела ноќ“.

Во Москва, стотици се собраа да протестираат на улицата Арбат во центарот на градот, откако Путин ја најави мобилизацијата. Полициските службеници, наводно, почнале да им делат повици на оние што ги привеле на протестот.

Меѓу нив бил и Артем Кригер, млад репортер на новинската агенција „Сота Вижн“, кој бил приведен и покрај тоа што бил таму за да известува за протестите.

„Сите мажи, апсолутно сите, добија повик“, рече Кригер за време на интервјуто за ТВ Рајн. Тоа вклучува мажи кои никогаш не служеле во армијата, рече тој, од кои сега се бара да се појават во нивните локални центри за регрутирање.

Во големите градови, седуммесечната војна на Русија против нејзиниот сосед отсекогаш изгледаше далечна. Но, по обраќањето на Путин, започна паниката и кај нив, пишува Би-Би-Си.

„Тоа беше како научно-фантастичен филм од 1980-тите. Беше малку страшно да бидам искрен со вас“, вели Дмитриј (28), кој работи во Санкт Петербург. Персоналот не можеше да го започне работниот ден, сите го слушаа говорот на Путин.

Дмитриј за британскиот весник раскажува како полицијата тоа утро му тропнала на вратата, повикувајќи го да се приклучи на армијата.

„Не знаев што да направам следно, дали да се качам во следниот авион или да останам уште малку во Русија и да бегам од полицајци на анти-владините протести“ вели тој.

Друг млад Русин, кој живее во Калининград, за Би-Би-Си изјави дека би направил сè што може за да не се приклучи во војната.

„Ќе си ја скршам раката, ногата, ќе одам во затвор, сè би направил само да не одам во војната“ вели тој.

Русите во паника почнаа да ја напуштаат земјата. Границите и аеродромите се полни, што го поставува прашањето колку всушност се реални шансите руската армија да регрутира 300 илјади војници.