Премиерот Заев се дистанцира од предлозите на Љубчо Георгиевски во врска со односите со соседна Бугарија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев вчера разговарал со претседателот на ВМРО-НП, Љупчо Георгиевски, во врска со предлозите што тој ги пласираше за подобрување на односите меѓу С Македонија и Бугарија, пренесува 360 Степени.

„Георгиевски потврди дека тоа се негови лични размислувања. Му посочив дека Владата има свои позиции за односите сон Бугарија и тој има разбирање за тоа. Можете и него да го прашате. Уште еднаш ќе кажам, Владата ниту преговарала, ниту преговара, ниту ќе преговара за македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, изјави денеска Заев.

Некогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, а сега коалициски партнер на СДСМ, преку социјалните мрежи пласираше пет точки, како предлог-решенија за односите со Бугарија.

Првата е Северна Македонија да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна односно Пиринска Македонија и дека во поимот „Северна Македонија“ не влегува „Источна Македонија“. Следно, предлага, уште една гаранција од Северна Македонија, а тоа е дека како држава со ништо нема да ги помага и поддржува организациите кои бараат македонско малцинство во Бугарија. Трета точка во неговиот предлог е бугарскиот парламент да донесе декларација во која ќе изјави дека под поимот македонска нација и македонски јазик подразбира само нација и јазик кои се формирани после 1944 и дека Бугарија со ништо не ги прифаќа тезите за кои смета дека се фалсификат.

Четвртата точка во предлогот на Георгиевски се однесува на заедничката историска комисија, за која тој смета дека треба да ја смени стратегијата, односно да се објават петте личности за кои досега се усогласени ставовите. Исто така, предлага и за Гоце Делчев да се објави дека тој е општ и заеднички. Понатаму наведува дека комисијата треба да усогласи уште 10-15 историски настани и тие да продолжат да се слават заедно. Предлага и Бугарија итно да направи список на места од македонските учебници кои ги смета за навредливи и истите да се избришат без да се чека општа дискусија.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше потоа дека Заев преку Георгиевски пуштал пробни балони во јавноста.

Од СДСМ, пак, излегоа со тврдење дека ставовите на владејачката партија се различни од тие на Георгиевски и дека македонските јазик и идентитет не се тема на разговор.

Во врска со разговорите со Бугарија, Заев изјави денеска дека очекува поместување по изборите кај соседите, иако во меѓувреме процесот тече, така што и шефот на дипломатијата Бујар Османи минатата седмица беше во Софија враќајќи се од патувањето во Обединетите Арапски Емирати и во Париз.