Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Аналитичарите открија осум кризи кои во следната 2018 година би можеле да резултираат со воени судири.
Американските експерти за надворешни политики ја проценија веројатноста за избивање и ефекти на 30 потенцијални кризи и воени конфликти кои можат да се случат во 2018 година.
Нивните проценки беа објавени во годишниот извештај „Превентивни приоритети“ на Советот за меѓународни односи. Експертите ги идентификуваа потенцијалните опасности и нивната важност за САД, а поделени се во три категории.
Во категоријата приоритети се наоѓаат осум можни воени судири и кризи.
Опасности од прв степен
1. Воен судир меѓу САД, Северна Кореја и нејзините соседи.
2. Вооружен судир меѓу Иран и САД или некој од американските сојузници, поради иранското мешање во регионалните судири и поддршка на милитантните групации како јеменските Хути или либански Хезболах.
3. Сајбер напад на важни инфраструктури или мрежи на САД.
4. Намерна или ненамерна воена пресметка помеѓу Русија и членки на НАТО, иницирана од однесувањето на Русија во Источна Европа.
5. Вооружен судир во Јужното Кинеско море. Кина, Филипини, Малезија, Тајван, Виетнам и Брунеи со години спорат околу одделни острови од стратешко значење.
6. Голем терористички напад на САД или некој од нејзините сојузници, изведен било од внатрешна или од надворешна терористичка организација.
7. Нова ескалација на судирот во Сирија, додека владините сили се обидуваат да ја вратат контролата врз територијата, со зголемени тензии меѓу надворешните учесници во овој конфликт како САД, Русија или Иран.
8. Нов судир и нестабилност во Авганистан, како резултат на талибанска офанзива или потенцијален пад на владата.
„Со ризикот од раст на вооружени судири во светот, САД мора да направат паметни одлуки за тоа каде ќе се фокусираат вниманието и ресурсите, со цел да се избегнат потенцијално скапите воени ангажмани. Нашиот годишен преглед на превентивни приоритет е осмислен да им помогне на американските власти да го направат токму тоа“, вели Пол Б. Стерс, директор на Центарот за превентивни акции и автор на новата книга „Превентивни ангажмани: Како Америка може да избегне војна, да остане моќна и да го одржи мирот“.
Опасности од втор степен
Што се однесува на опасностите од втор степен, се смета дека нивните последици би биле помали од оние од конфликтите од прв степен, а тие се: Судир меѓу Јапонија и Кина околу островот Сенкаку/Диаојудао, политичката нестабилност во Венецуела, влошување на хуманитарната катастрофа во Јемен, судирите во Мјанмар, порастот на насилство поврзано со организираниот криминал во Мексико, судири во Украина помеѓу украинските и проруските сили, интензивно насилство меѓу Курдите и владините сили во Ирак и Турција, поголем судир меѓу Пакистан и Индија поради Кашмир, судир меѓу Израел и Хезболах, зголемени тензии меѓу Израелците и Палестинците.
Сепак, треба да се потенцира дека авторите овој извештај го претставија во очи на најновиот развој на ситуацијата околу Ерусалим и американското признавање на стариот град како престолнина на Израел. Се претпоставува дека во резервираниот извештај за овој потенцијален судир меѓу Израел и Палестина би бил сместен во опасност од прв степен.
Американците го споменуваат и Балканот
Што се однесува на третата група потенцијални опасности, тука главно се наоѓаат африканските држави (Нигерија, Конго, Зимбабве, Либија, Средноафриканската Република, Кенија), каде најголеми се опасностите од терористички напади на Боко Харам и другите исламисти и политички превирања. Станува збор за можни судири кои САД ги сметаат за нископриоритетни закани.
Меѓу нив се наоѓа и Балканот, кој не беше споменат во претходниот ваков извештај. Експертите говорат за можни политички немири и екстремистичко насилство во регионот чија нестабилност, претходно, повеќе пати го потресе цел свет.