Порочната сенка над семејствата во модерното време


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Секое семејство се разликува од другите на свој специфичен начин. Функционираат и креираат свои сопствени желби и формираат свое матично место за извор на среќа, успех и задоволство.

Но сепак постојат и дисфункционални семејства кои не се вклопуваат во тој модел на „семејна идила“. Таквите семејства се најчесто под влијание на барем еден или повеќе членови кои го нарушуваат секојдневното функционирање во домот. Предизвикувањето на нелагодност во семејствата во денешното динамично време многу често е последица на мрачните пороци. Во нив се вбројуваат алкохолизмот, наркоманијата, хазардните игри и како зависност на модерното време – интернетот. Првите три порока се општо познати уште од дамнешни времиња, додека интернетот е карактеристична „зависност“ на милениумската ера. Јасно е дека доколку барем еден член во семејството е под влијание на овие пороци ќе се наруши семејната кохезија.

Најчесто зависниците не ја признаваат истата, а воедно често не ја признаваат односно не се сметаат себе си за зависници. Пороците влијаат врз психичката состојба на најблиските, финансиската стабилност или пак нестабилност во домот, социјалното развивање, и за жал врз малите деца кои се во развој и немаат сеуште развиено чвство за расудување на добро и лошо. Реално согледување на ваквите проблеми во домот од страна на останатите членови на семејството и нивно вложување на труд во облик на разбирање и поддршка може значително да придонесе истата да биде надмината.

За почеток потребно е да се побара помош како советување или терапија. Потоа лицето да се упати на лекување доколку сериозноста на проблемот го наложува тоа. Од особена важност е ангажманот на целото семејство и пошироката фамилија. Кога се во прашање пороците и нивно надминување потребна е голема трпеливост, поддршка од најблиските, истрајност и пред се голема желба и подготвеност на зависникот да се излечи. Третманот и лекувањето на зависностите е долг и сложен процес кој бара многу време, трпение, разбирање и безрезервна поддршка. Исходот од лекувањето во најголема мера ќе зависи од желбата и упорноста на зависникот, но воедно и од поддршката на семејството.

Она што семејството може да го стори за зависникот е подадената рака за помош која ќе остане широко отворена и испружена. Зависностите се реалност. Тие егзистираат насекаде околу нас. Клучниот аспект за нивното искоренување е сеопфатна едукација, советување и соодветни третмани и терапии. Со таа цел треба да се едуцираат новите генерации за штетните последици од истите. Единствено на тој начин секој од нас ќе овозможи здрави и среќни поколенија.

Извадок од студентското списание VOX

Теодора Цветковска

Институт за семјени студии, Филозофски факултет