Актуелно

Почина „последниот“ голем писател – си замина великанот Умберто Еко

Славниот италијански писател и филозоф Умберто Еко, најпознат по неговиот роман „Името на розата“, почина на 84-годишна возраст.

Неговото семејство извести дека починал во петок во својот дом, без да наведе какви било детали.

Во „Името на розата“, романот со кој стекна светска слава и според кој е снимен истоимениот филм, се зборува за монах кој ја истражува серијата убиства кои се врзани за една манастирска библиотека.

Неговите романи често вклучуваат стварни историски личности и текстови.

„Нишалото на Фуко“, вториот роман на Еко, исто така е продаден во огромен број примероци. Во него, еден невработен издавач одлучува на шега да спои различни теории на заговор од историјата.

Во текот на 1960-тите се занимаваше со естетика и се истакнуваше како еден од најзначајните претставници на авангардата во италијанската култура. Припаѓаше на книжевното движење Група 63.

Беше основач на книжевните списанија Il Marcatre и Il Quindici. Во своите истражувања се занимаваше со проучување на средствата за масовно информирање во рамки на семиологијата и естетиката со примена на структуралистичкиот метод.

Естетиката на телевизиското искуство, естетската структура на директното пренесување, анализата на поетскиот јазик, отвореноста и теоријата на информации, се само дел од темите со кои се занимаваше. Пет години работеше како уредник во редакцијата за култура во RAI, од 1954 до 1959.

Внимателно ја следеше и луцидно ја анализираше современата култура, комуникациите, универзумот на информации и информациионата естетика. Покрај општата семиологија, се занимаваше со семиологија на визуелните пораки, семиологија на архитектурата, епистемологија на структуралните модели и семиолошката граница. Во рамки на херменевтиката и теоријата на книжевност, се занимаваше со семиологија на текстот, толкување на метафорите, проблемот на фалсификување и границите на толкувањето.

Од 1971 беше редовен професор по естетика на визуелни комуникации и семиологија на универзитите во Торино, Милано, Фиренца, Универзитетот Колумбија во Њујорк, Јеил и професор-гостин на многу факултети.

Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

To Top