Почина морнарот од славната фотографија „Бакнеж“ од 1945 година

Војникот припадник на воената морнаричка флота од познатата фотографија направена во 1945 година, на која тој бакнува жена на плоштадот „Тајмс“ славејќи го крајот на Втората светска војна, почина во неделата на 95-годишна возраст.

Џорџ Мендоса доживеал напад и починал на Роад Ајленд, каде од неговата 70-та година живееше со сопругата и ќерката.

На славната фотографија насловена „Бакнеж“, тој ја бакнува стоматолошката сестра Грета Зимер Фридман. Фотката е направена на 14 август, 1945 година, денот познат како V-J Day кога Јапонија капитулираше под САД. Луѓето излегуваа на улиците од Њујорк за да ја прослават таа вест.

Тој ја бакнал Грета иако никогаш претходно ја немал видено ниту запознаено. Моментот со фотоапаратот го забележал фотографот Алфред Ајзенштад, а сликата прв пат беше објавена во списанието Life. Иако нејзиниот официјален наслов е „V-J Day on Times Square“, светската слава ја стекна со поедноставното име „Бакнеж“. Оваа фотографија стана една од најпопуларните фотографии на 20. век, а се користеше на безброј постери.

Минаа многу години пред Мендоса и Фридман да потврдат дека токму тие двајца се на фотографијата. Тој бил морнар на таканаречениот „уништувач“, воен брод кој се користел за време на Втората светска војна. Бил на воено отсуство и требало да се врати назад на воена служба, кога бил објавен крај на Втората светска војна. Кога го добил одликувањето во Rhode Island State House во 2015 година, говорел и за бакнежот. Откри дека Фридман го потсетила на медицинските сестри кои се грижеле за ранетите војници во бродската болница.

Грета во интервју во 2005 година откри дека целата таа ситуација се случила ненадејно.

„Само дојде, ме грабна и ме бакна. Тоа навистина беше прослава, ништо романтично“, објасни таа.

Грета почина во 2016 година, на 92-годишна возраст, во Вирџинија. Во САД била доселена од Австралија кога имала 15 години за време на војната.